29/03/2024
Македонија

Потпишани првите 13 договори за набавка на трактори од ИПАРД 2 програмата

Денеска се потпишаа првите 13 договори од вкупно 692 потенцијални корисници на средства од ИПАРД 2 програмата. Вкупната поддршка за набавка на трактори од ИПАРД 2,  е околу 5,8 милиони евра. Од нив над 1,4 милиони евра се од Националното финансирање, додека близу 4,3 милиони евра се од Европските средства. Со оваа сума ќе бидат опфатени сите што имаат комплетни апликации.

Ова е рекорден број на потенцијални корисници на средства преку оваа мерка, и воопшто преку ИПАРД програмата. Со потпишување на овие договори, се вбризгуваат нови средства во домашниот агро-сектор, кои придонесуваат за унапредување на домашното земјоделство.

„Со унапредување на процесот на евроинтеграција, интензивирање на меѓусебната соработка и политиките што Владата ги презема, поддршката од Европската унија ќе продолжи да расте. Покрај финансиска поддршка, нашите европски партнери нудат искуство, нови пазари и механизми за создавање модерно земјоделство, конкурентни и препознатливи производи. Работиме на акредитирање на нови мерки, работиме да ги поедноставиме процедурите и да отвориме нови фондови за македонското земјоделство“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Раководителката на Секторот за Оперативни работи на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Вирве Вимпари, посочи дека ЕУ ја продолжи поддршка за македонското земјоделство.

„Ова е можност да се покаже дека можете да ги користите средствата и да ги користите истите суми  кога ќе бидете рамноправна членка на Европската унија. Ние сме партнери во ИПАРД имплеменатцијата и ќе продолжиме да ви даваме поддршка, се со цел фармерите да имаат можност да пристапат до овие 60 милиони евра кои се програмирани за периодот 2014-та до 2020-та година. Ова го гледам како можност за натпревар на фармерите и на граѓаните на Европскиот пазар“, изјави Вирве Вимпари.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка и развој на земоделството,  Николче Бабовски изјави дека во наредниот период ќе продолжи потпишувањето на сите договори кои имаат целосни апликации.

„Покрај овие 692 договори, во Агенцијата деновиве ќе се потпишат и 240 договори на оние апликанти кои ги исполниле условите за набавка на земјоделска механизација, но, кои во себе не вклучуваат набавка на трактор. Најголем дел од апликации има од Пелагонискиот, Вардарскиот а по нив следат југоисточниот, североисточниот и југозаоадниот регион. Со помош на новите машини ќе создадеме конкурентни земјоделци, зголемено производство и извоз на земјоделски култури“, изјави Николче Бабовски.

За оваа година се планирани нови повици преку ИПАРД 2, на кој индивидуалните земјоделци и агрокомпаниите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка. Целта е модернизација, прилагодување кон европската регулатива и поголема абсорпција на средствата од ИПАРД Програмите.

МЗШВ во соработка со Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството постојано работи на јакнење на административните капацитети во процесите на подготовка и евалуација на потребната документација за аплицирање на ИПАРД програмите.