23/04/2024
Македонија

Потпишување на Меморандум за разбирање за билатерална проектна соработка со Кралството Норвешка

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и Амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања потпишаа Меморандум за разбирање за билатерална проектна соработка.

Пред церемонијата на потпишувањето на Меморандум за разбирање, Вицепремиерот Османи и норвешкиот Амбасадор Бјорнстад, остварија средба на која разговараа за билатералната соработка, проектната поддршка која Кралството Норвешка ја обезбедува за Република Македонија, како и за евроатлантските аспирации на нашата земја.

„Иако Кралството Норвешка не е членка на Европската унија, таа е наш важен партнер и поддржувач на евро – интегративниот процес на Република Македонија од самиот почеток на процесот, и задоволен сум што во оваа насока продолжува да се движи нашата соработка и во овие клучни моменти за Република Македонија”– истакна Османи.

Во продолжение на средбата Вицепремиерот Османи додаде дека развојната соработка не претставува само инструмент за унапредување и поддршка на развојните цели на земјата и нејзините стратешки определби, туку е можност и за продлабочување на соработката помеѓу двете држави и во економска и политичка смисла.

Во контекст на денешното потпишување на Меморандумот за разбирање Османи потенцираше дека главната цел на истиот ќе биде поддршка на интеграцијата на Република Македонија во Европската унија, како и поддршка на приоритетите на Владата преку финансирање на проекти кои придонесуваат за реформските процеси и развојот на секторите во согласност со стандардите на ЕУ и НАТО.

„Со потпишувањето на овој Меморандум за разбирање, Република Македонија за 2018 година ќе добие пристап до норвешки развојни средства во висина од 3 милиони евра, што претставува значително зголемување во однос на изминатите неколку години, во текот на кои норвешките средства за Република Македонија беа значително пониски”– заклучи Османи и притоа потенцираше дека Секретаријатот за европски прашања, како надлежна национална институција за координација на странската помош ќе биде главниот партнер во процесот на спроведување на потпишаниот Меморандум.