28/03/2024
МакедонијаРегион/Свет

Повик до млади иноватори да осмислат решенија за #КрајНаНасилството врз децата и меѓу децата

Младинскиот предизвик претставува дел од Генерација без граници – нова глобална иницијатива за вклучување на сите млади во образование, обука или вработување до 2030 година

Новиот предизвик со кој младите иноватори од целата земја се повикуваат да осмислат решенија против насилството, вклучувајќи го и врсничкото насилство и насилството преку интернет официјално започна денес.   

Победничките кандидати ќе придонесат кон успехот на светската иницијатива Генерација без граници, која претставува ново, амбициозно партнерство – започнато како настан на високо ниво за време на 73-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации – со цел секој млад човек да се вклучи во квалитетно образование, обука или вработување до 2030 година.

„Младите се често најдобрите пронаоѓачи, креатори и иноватори“, рече г-а Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ. „Се надеваме дека овој предизвик ќе инспирира неверојатни идеи од земјава со кои ќе се придонесе кон глобалната иницијатива за решавање на некои од најгорливите предизвици со кои се соочуваат младите денес.“ 

Младинскиот предизвик – кој оваа година се одржува во 16 земји низ светот, меѓу кои и нашата, ги повикува младите да се пријават со решенија со кои ќе се поддржат трите главни столба на Генерација без граници: средно образование; вештини за учење, вработливост и пристојна работа и оспособување и јакнење. Во нашата земја, фокусот ќе биде на решенија за #КрајНаНасилството врз децата и меѓу децата.

Во светот, околу 1 милијарда деца доживуваат некаква форма на насилство. На половина од  тинејџерите им се случува насилство од страна на врсниците во и околу училиштето. Ова не е поинаку ниту во нашата земја, каде половина од децата на возраст од 2 до 14 години доживуваат физичко казнување во домот и каде 8 од 10 родители велат дека користат насилни методи (психолошко или физичко казнување) за воспитување на децата.

Насилството меѓу врсниците, исто така, се случува секојдневно. Дури 42% од машките и девојчињата на возраст од тринаесет до петнаесет години изјавиле дека биле малтретирани на училиште и/или дека биле вклучени во физичка пресметка. 

Насилство се случува и на интернет, каде сторителите остануваат анонимни, но последиците се разорни. 

Младите, креативни иноватори се охрабруваат да се пријават на младинскиот предизвик, земајќи ги предвид конкретниве цели: 

  • Како можеме да создадеме систем на поддршка, платформи и поврзување со други млади кои би послужиле како добри примери за жртвите да можат полесно да пријават и да побараат помош од стручните лица и врсниците?
  • Како можеме да го намалиме насилството меѓу младите преку интернет, во и околу училиштата, како и во јавните простори и јавниот превоз?
  • Како може да ја промениме перцепцијата и ставовите кај возрасните (т.е. родителите, наставниците, и др.) во насока на целисходно ангажирање на адолесцентите и младите во местото каде што живеат?

Успешните кандидати ќе бидат поканети да учествуваат на работилница во Скопје, од 16 до 18 ноември на која ќе се разработат идеите. По работилниците, ќе бидат избрани пет најнадежни идеи за кои ќе се доделат до 1.000 УСД финансиски средства и ќе се обезбеди менторство и поддршка при спроведување на проектите. 

На пролет во 2019 година избраните проекти од секоја земја ќе влезат во рамките на глобален конкурс. Овие проекти ќе добијат дополнителни 20.000 долари инвестиции, заедно со прилагодена менторска програма од партнерите на Генерација без границикако поддршка кон нивно проширување. 

Младинскиот предизвик во нашата земја се спроведува со поддршка од УНИЦЕФ и од Лабораторијата СмартАп Иновации. 

Во светот во кој има 1,8 милијарди млади луѓе, Генерација без граници е динамично глобално партнерство кое се заснова врз знаењата на младите, владините претставници, мултилатералните организации, приватниот и граѓанскиот сектор, со цел да се поттикнат итни инвестиции во образованието, стручната обука и оспособувањето на брзорастечката светска популација на адолесценти и млади на возраст меѓу 10 и 24 години. 

Генерација без граници ги здружува партнерите со цел заеднички да креираат и да поддржат решенија кои се докажани и имаат потенцијал да ги прошират резултатите, како и за да се развие платформа за споделување на знаењата и учењето, и да им се даде на младите простор да се вклучат и заедно да творат.

Со над 200 милиони млади на средношколска возраст кои во моментов не одат на училиште, наместо да придонесуваат кон рамноправен напредок, младите – особено најзагрозените – може да се соочат со иднина на лишување и сиромаштија, освен ако не се преземе итна акција.

Генерација без граници – која придонесува кон имплементација на Стратегијата на Обединетите нации „Млади 2030“ – ќе ги надополни и ќе се надгради врз постојните програми кои ги поддржуваат адолесцентите и младите. 

Повеќе информации за младинскиот предизвик може да се најдат на  https://genunlimited.mk/

https://www.facebook.com/events/729796767353212/