28/03/2024
Македонија

Праведен данок за подобар социјален систем, нови сет мерки за стабилизација на пензискиот систем

Денеска во Владата на Република Македонија министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на заедничка прес-конференцијата ги промовираа даночната и пензиско-социјалната реформа. Преку напуштање на политиките на рамен данок и воведување на прогресивно праведно даночење во буџетската 2019 година се планира да се соберат околу 25 милиони евра во буџетот со кои ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата односно за спроведување на минималниот гарантиран приход со кој ќе се извлекуваат луѓето од сиромаштија и ќе се активираат на пазарот на трудот. 

Со даночната реформа се планира воведување на дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%. 

„Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот. Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани“, истакна министерот Тевдовски во своето обраќање кој потенцираше дека праведното оданочување е стандард кој го применуваат најуспешните економии како што се некои од земјите во ЕУ и САД.

Министерот за финансии Драган Тевдовски објасни дека прагот од 90.000 денари ги опфаќа 1% од најдоходовните граѓани во Република Македонија за кои рече дека имаат даночна ефективна стапка која е пониска од онаа на останатите граѓани, заради што  всушност и се воведува праведното оданочување бидејќи како што рече не е фер оние што добиваат од општеството најмногу, да плаќаат најмалку.

„Предлагаме воведување дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%. На пример, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10%, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18%“, рече министерот Тевдовски и порача дека за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста.

Министерот Тевдовски рече дека од воведувањето на прогресивното фер оданочување во буџетот ќе се слеат околу 25 милиони евра со кои ќе бидат финансирани мерки за намалување на сиромаштијата, односно за мерката минимален гарантиран приход со која освен што ќе се извлекуваат примателите на социјална помош од сиромаштија и ќе се подготвуваат за пазарот на трудот.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ја презентираше во целост социјалната реформа, а зборуваше и за сет на мерки со кои се решаваат дел од наталожените проблеми и се обезбедува стабилен и праведен пензиски систем.

Министерката Царовска рече дека со средствата од фер даноците ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која практично на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300%. 

„Со оваа мерка директно влијаеме за намалување на сиромаштијата кај најранливите категории, но исто така создаваме и група на граѓани коишто ќе можат да бидат активирани и вклучени на пазарот на трудот, она што и е потребно на македонската економија. Дополнително воведовме образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца затоа што детската сиромаштија е најскапа сиромаштија и Македонија не може да си ја дозволи истата“, рече министерката Царовска и додаде дека детски и образовен додаток ќе можат да користат и вработените лица што работат за минимална плата. 

Во однос на реформата во пензискиот систем, министерката Царовска рече дека се работи на стабилизација на пензискиот систем и нагласи дека нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите, а ќе се интервенира со цел да се стави под контрола буџетскиот дефицит во ПИОМ кој за 10 години се зголеми за 150% заради несоодветни политики“, Ќе се решат проблемите со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и нееднаквата распределба во двостолбниот пензиски систем.

„Правиме минимална корекција на стапките на придонес за пензиско и инвалидско осигурување  и здравствено осигурување за вкупно 0,5 процентни поени. Втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во двостолбен систем, а тоа е денот и годината на раѓање, до 01.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб, по нивна желба и со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Затоа што имаме излегување на ваков тип на пензионери и ќе видиме дека пензиите им се нереално ниски, сега им даваме можност да се вратат и да добиваат пензија од првиот столб. Исто така ќе може сите оние коишто користат бенефициран стаж сите да се вратат и да добијат пензија само од прв столб. Во моментов во таква поволна ситуација се вработените во МВР и во одбрана, а најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние коишто имаат бенефициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си ги добијат пензиите коишто им следуваат, висината на пензии да биде поповолна“, истакна министерката Царовска.

Министерката Царовска потенцираше дека мора да се води грижа за сегашните и идните пензионери и дека пензиите ќе се усогласуваат 2 пати годишно со трошоците на живот, а ќе има дополнително усогласување доколку растот на БДП во претходната година надминал 4%. Се воведува и социјална пензија за граѓани кои немаат никакви приходи, имаат еден ден работен стаж имаат наполнето 65 години која ќе изнесува 40% од просечната исплатена пензија.