19/04/2024
Дебрца

Правнукот на Трајче: „Волшебното самарче“ е капитално дело на детската литература, а за нашето семејство – изѕидан споменик и музеј

Дејан Азески, правнук на јунакот од “Волшебното Самарче” – Трајче Трајчески: “Волшебното самарче” е капитално дело на детската литература, а за нашето семејство – изѕидан споменик и музеј

Учесниците на Првиот Балкански детско – младински Поетски камп: „Поетски искри од огништето на Ванчо Николески – 2019“, денешниот ден, го минаа во селото Црвена Вода, родното место на родоначалникот на македонското книжевно творештво за деца и млади, Ванчо Николески.

Пред родната куќа на Николески, младите автори од повеќе земји на Балканот, коваа нови стихови, но и другаруваа со мештаните на селото.

Највозрасните им евоцираа сеќавања од младите години на големиот автор, додека домаќинките им подготвија селски ручек, со познати специјалитети на народната кујна, карактеристични за регионот на Дебрца.

Дејан Азески, правнукот на јунакот од „Волшебното Самарче” – Трајче Трајчески, беше посебно инспириран:

„Ванчо Николески има посебно место во колективното сеќавање на моето семејство. Убаво се сеќавам дека јас и мојата сестра како уште не-почнати првооделенци на памет ги знаевме сите 48 строфи од неговото епохално дело “Глувчето Мице”. И токму за тоа наше знаење и двајцата ги добивме првите 5-ки. Растевме со анегдотите за овој, можеби не најголем, но, во секој случај, најобожуван македонски писател кој со својата генијалност во делот на римата беше нанадминат и обврзна лектира за учениците од поранешната заедничка држава, Југославија и пошироко. “Волшебното самарче” и ден денес го сметаме за најголем споменик и еден вид музеј, штој некој го изѕидал за нашето семејство, свесни и за поширокото значење на ова капитално дело кои има направено повеќе во промоцијата на партизанското движење од милионски платените, високо буџетни филмови “Сутјеска” и Неретва”. Затоа од се срце ја поддржуваме идејата за организирање на ваква манифестација, им честитаме на организаторите на оригиналноста и преданоста и повикуваме и посакуваме истата да стане традиционална и да се организира секоја година.“ – нагласи Дејан Азески.

Манифестацијата завршува утре претпладне со прием кај директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев” во Охрид, Гордана Змејкоска, која ќе им ги претстави оригиналните, најрани дела на Николески, печатени веднаш после ослободувањето на земјата, по Втората светска војна.

Организатор на манифестацијата, е Здружението за култура и литература „Мацково”, од Охрид, во соработка со општините Охрид, Дебрца и Вевчани, како и со финансиска поддршка на Министерството за култура, спонзори и помагатели.

Веле Митаноски