29/03/2024
Македонија

Предавање на акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Арапска Република Египет и на Канада

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Арапска Република Египет и на Канада во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет, со седиште во Софија, Н.Е. г. Моајад Фатхаллах ел – Далие, претседателот Иванов истакна дека двете држави имаат традиционално пријателски односи и порача дека е потребно да се изнајдат нови форми за содржинско развивање и унапредување на меѓусебните односи на сите полиња од заемен интерес. Македонскиот претседател изрази задоволство од соработката меѓу безбедносните и разузнавачките служби и изрази очекување за понатамошно унапредување на соработката во областа на безбедноста и во борбата против тероризмот, екстремизмот и радикализмот. Претседателот Иванов посочи на потребата од обновување на старите деловни врски меѓу бизнисмените на двете земји преку искористување на поволната бизнис клима. Амбасадорот на Арапска Република Египет, г. Моајад Фатхаллах ел – Далие рече дека двете земји развиваат срдечни односи на меѓусебно разбирање, соработка и негување на принципите за мир и стабилност во светот и изрази уверување дека истите ќе продолжат да се унапредуваат и во периодот што следи.

Kanada_akreditivi

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Канада во Република Македонија со седиште во Белград, Н.Е. г-ѓа Кетлин Чаба, претседателот Иванов истакна дека двете земји ги карактеризира вистинско пријателство кое се рефлектира преку прифаќањето на македонскиот етнички и културен придонес во Канада и подвлече дека македонската заедница е мост што ги поврзува двете држави и општества. Македонскиот претседател истакна дека поддршката од Канада за евроатлантските аспирации на Република Македонија е од големо значење и изрази очекување за уште позасилена поддршка во претстојниот период и отворено лобирање од влијателна Канада во рамките на Алијансата, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Македонија во Алијансата. Амбасадорот на Канада г-ѓа Кетлин Чаба изрази задоволство од севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Таа изјави дека со гордост Канада го признава уставното име на Република Македонија и изрази очекување за наш напредок кон членството во НАТО и ЕУ.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.