19/04/2024
Македонија

Предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Полска

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на Н.Е г. Војчех Јежи Тичињски, новоименуван амбасадор на Република Полска во Република Македонија.

На церемонијата на предавање акредитиви, претседателот Иванов истакна дека македонско-полските односи ги карактеризира искрено пријателство, меѓусебна почит, континуиран политички дијалог и значајна динамика во соработката во повеќе области од взаемен интерес.

Претседателот Иванов порача дека за нашата земја од особено значење е поддршката и помошта од Република Полска за реализација на нашите зацртани стратешки цели, членство во НАТО и во Европската Унија.

„Јас како Претседател на Република Македонија немам апсолутно никаква дилема дека местото на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Суверената волја на македонските граѓани на референдумот треба да се почитува. Затоа, и по референдумот се надевам дека процесот за зачленување на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија ќе продолжи”, рече претседателот Иванов.

Во таа насока, претседателот Иванов побара поддршка од Република Полска за деблокирање на процесот за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија без притоа да се крши правото на самоопределување.

„Искрено очекувам и се надевам дека Република Полска ќе ги има предвид нашите аргументи, нашите постигнувања и дека поддршката во реализацијата на нашите цели ќе продолжи и во наредниот, исклучително значаен период. Европската перспектива е најдобрата гаранција за просперитет и стабилност на Балканот”, порача македонскиот претседател.

Амбасадорот Тичињски истакна дека неговата земја придава големо значење на унапредувањето на билатералните односи и на зацврстувањето на пријателските односи меѓу двата пријателски народи. Во таа насока амбасадорот Тичињски истакна декa на вредностите кои ги приближуваат двата народи и двете држави треба да им се додаде уште едно нешто, а тоа е компатибилноста на заедничките интереси како партнери во меѓународните односи.

„Како земја што одигра важна улога во соборувањето на комунистичкиот систем во нашиот дел на Европа, ние веруваме дека секоја држава ја заслужува нашата поддршка за своите амбиции да ја обликува својата судбина во согласност со волјата на нацијата и принципите на демократскиот свет”, рече амбасадорот Тичињски.

Како што истакна амбасадорот Тичињски, прифаќањето на ваква политичка филозофија од страна на Полска, исто така, резултира од претпоставката дека слободната, демократска, развојна и добра соработка со Македонија претставува важна цел не само за Македонците, туку и за целокупниот Балкански регион и Европа како целина и дека Европа не може да биде стабилна доколку сите европски земји не останат стабилни.

Претседателот Иванов на новоименуваниот амбасадор му честиташе за функцијата и му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

polska_5