28/03/2024
Охрид

Преку поезија испратени пораки за зачувување на Охрид

Пораки за зачувување на природното и културното богатство на Охрид и неговиот статус во УНЕСКО, испрати еден од најпознатите современи автори на балканските простори Мајо Даниловиќ од Белград, кој е член  на Светската Академија за поезија при УНЕСКО и претседател на Одделот за словенскиот свет.

Пораките беа испратени на културниот настан посветен на неговото поетско и книжевно дело, кој се одржа вчеравечер во „Куќата на Уранија” во рамки на „Научно уметничката визита” на МАНУ во Охрид.

Беседа за поетот Данаиловиќ имаше академик Катица Ќулафкова, а пред присутните се обрати и  Претседателот на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.

-Ми причинува особено задоволство и чест, да Ви се обратам на овој свет ден. Дури и случајно да сте го избрале, нема подобар и повеличенствен за нас охриѓани.

Денес го празнуваме споменот на Свети Климент Охридски, заштитникот на градот Охрид. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од страдања. На денешен ден се празнува и споменот на Свети Пантелејмон, кому Свети Климент му го посветил манастирот на Плаошник.

Особено  ме радува фактот што токму на денот на нашиот патрон, кој бдее над сите нас, имаме чест да бидеме дел од ваков настан, кој е посветен на првиот човек на Одделот за словенскиот свет при Светската академија за поезија на УНЕСКО, големото поетско име од балканските простори, Мајо Даниловиќ.

Од Верона, каде е седиштето на академијата, виа Белград, овој светски автор, преку поезијата ќе ни пренесе прекрасни пораки, токму овде во Охрид, град кој веќе 40 години е заштитен под закрилата на УНЕСКО, истакна Ангелоска.

Таа нагласи дека настаните кои се дел програмата на „Научно уметничката визита”, значително ја збогатуваат културната понуда на Охрид за што упати посебна благодарност до Македонската академија на науките и уметностите.