29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на свеченоста по повод Денот на македонскиот јазик

Премиерот Зоран Заев, денеска во Свечената сала на Владата на Северна Македонија се обрати по повод „5 Мај – Денот на македонскиот јазик“, кој годинава за прв пат се одбележува, откако минатиот месец на Владина седница беше донесена одлука овој ден да биде празник од работен карактер. 

Свеченоста, на која присуствуваа членови на Владата, академици, професори и научни работници беше организирана еден ден подоцна заради изборните активности претходниот ден.

„Во мое име, и во име на Владата на Република Северна Македонија, овде пред вас, уште еднаш испраќам јасна порака, дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапреди македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ. Нашата татковина, како што велеше Блаже Конески“, ги поздрави присутните на свеченоста премиерот Заев, честитајќи им го Денот. 

Тој додаде дека Владата е посветена на грижата за правилната употреба на македонскиот јазик и спомена дека покрај тоа што во соработка со Институтот за македонски јазик обезбеди интернет пристап на „Правописот на македонскиот јазик“, се прават напори на граѓаните да им бидат бесплатно достапни и други дела.

Истовремено, премиерот Заев истакна дека главната цел на организирањето на настанот е да се чујат сите укажувања и предлози за сеопфатен и стратешки пристап за да се идентификуваат најдобрите можни начини за создавање услови за развој и промовирање на македонскиот јазик. 

„Затоа денеска тука се поканети претставници на најважните институции што се занимаваат со македонскиот јазик, како што е Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, на Академијата на науки и уметности на Северна Македонија – МАНУ и Институтот за македонска литература“, подвлече премиерот Заев.

Во дискусијата, која подоцна ја развија присутните, беше изразено задоволство од Иницијативата на Владата за прогласување на 5 Мај за празник на македонскиот јазик и беа изнесени предлози за чување и негување на македонскиот јазик, како и иницијативи за интензивирање на вложувањата во капацитети, кои ја развиваат неговата употреба во земјата и странство.

По свечената седница, премиерот Заев даде изјава за медиумите заедно со директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, д-р Елена Јованова-Грујовска и претседателот на Советот за македонски јазик, професор Људмил Спасов.

„Денот на македонскиот јазик е празник и за сите други граѓани и заради нашето  заедничко, споделено чувство на припадност на една мултикултурна општествена заедница, која ги почитува и негува сите културни и идентитетски вредности на етничките заедници во нашата земја“, истакна премиерот Заев, во изјавата за медиумите по одржаниот прием по повод „5 Мај-Денот на македонскиот јазик“.