29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев додели договор за грант на Националниот младински совет за развој на проектот Youth Wiki

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, додели договор за грант од Владата на Република Македонија и Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност, на Националниот Младински совет на Македонија.

На доделувањето на договорот за грант присуствуваше и пред присутните се обрати и Раководителот на одделот за политички прашања во Канцеларијата на Европската Унија во Македонија, Лукаш Холуб, а модератор на настанот беше Директорката на Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.

Премиерот Заев, во своето обраќање по овој повод рече дека ентузијазмот, младешката енергија и визионерство се движечката сила којашто ќе ја одреди иднината на нашата земја.

„ Владата на Република Македонија заедно со Националната Агенција за европски образовни политики и мобилност во соработка со Канцеларијата на Европската Унија во Скопје ќе додели грант од околу 10.000 евра на Националниот Младински Совет за реализација на проектот Youth Wiki ( Јут Вики ) односно т.н Википедија за млади која содржи 9 поглавја за истражување.

Верувам дека преку овој проект младите луѓе ќе имаат одлична можност да ги развиваат своите истражувачки способности, вештини и сериозно да го надградат своето знаење“, рече премиерот Заев.

Тој уште и нагласи дека Владата на Република Македонија на посебна владина седница презела обврска дека силно ќе ги поддржи младинските политики и младинското учество и партиципација во креирањето на политиките и, како што рече, овој настан денеска е потврда дека се реализираат дадените ветувања кон младите луѓе.

„За таа цел Владата на Република Македонија покрена низа процеси како што се Младинската Гаранција, воведување на дуално образование во средните училишта, интензивна соработка со младинските организации и други активности.

Во изминативе 5 месеци преку Младинската гаранција беа вклучени 1979 млади луѓе од кои 586 се вработија, 705 млади луѓе се вклучени во обуки и пракса, а 952 учествуваа во услугата посредување при вработување“, рече тој.

Раководителот на одделот за политички прашања во Канцеларијата на Европската Унија во Македонија, Лукаш Холуб, во својот говор изрази задоволство дека оваа иницијатива започната во Европската Унија, е преземена и започнува да се развива и во Република Македонија.  

„Секогаш кога ги носиме одлуките, водиме сметка кои ќе бидат ефектите врз младите луѓе, и на нашите деца. Тоа е така затоа што сакаме да им обезбедиме колку може подобра стартна позиција. Не само за да изградат подобар живот за нив, туку и за градење на подобро општество за сите“, рече господинот Лукаш.

Претставникот од Националниот младински совет, Блажен Малески, на кого премиерот Заев му го врачи договорот за грант, во своето обраќање изрази задоволство што конечно и младите ќе можат да учествуваат во мониторирање на политиките и да дадат свој придонес во значењето на младинската политика.

„Драго ми е што ја добивме оваа можност да бидеме дел од оваа приказна на Youth Wiki ( Јут Вики), затоа што тоа не значи само мониторирање и споредба на политиките со другите држави, туку повеќе значи градење капацитети за нови политики. Драго ми е што и Владата и Агенцијата се одзваа на потребата на младите, критички да се осврнат на политиките во Република Македонија, и да придонесат со нови практики во младинскиот сектор и младинските политики“, рече Малески.  

Порталот Youth Wiki e дел од програмата Erasmus Plus, и се состои од 9 поглавја за истражување, развој и креирање на младински политики врз основа на реални фактички податоци собрани од повеќе институции од Европската Унија.

https://www.youtube.com/watch?v=aw8DQigu_LA