28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев го доби од еврокомесарот Хан, Извештајот со чиста препорака

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска во Скопје го доби Извештајот од ЕК за напредокот на Македонија, со чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ, што му беше врачен од комесарот за соседска политика и проширување на Европската унија, Јоханес Хан во Скопје.

Еврокомесарот Хан во официјалната изјава за медиумите пренесе силна охрабрувачка порака дека Република Македонија е цврсто вратена на европскиот пат, дека има отворени и транспарентни реформи, дека е направено многу во изборното законодавство согласно реформскиот План 3-6-9.

Сега, како што соопшти еврокомесарот Хан, донесените закони за независно правосудство и сите други, треба да се имплементираат и тоа е она што се очекува од Република Македонија, којашто на тој начин може да влезе во следната фаза. Тоа се, како што објасни еврокомесарот Хан, очекувањата на државите членки на ЕУ од Република Македонија, за добивање датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Еврокомесарот за проширување, Хан, му честиташе на премиерот Заев за постигнатото од страна на тимот на Владата, како и на опозицијата која се вклучи во остварувањето на националната цел и на Парламентот којшто ја докажа демократската зрелост. Сите страни придонесоа кон овој важен пат кон ЕУ и неусловената препорака, додаде еврокомесарот Хан. Тој ги повика сите чинители во државата да останат фокусирани кон оваа цел и да учествуваат во нејзиното остварување.

Еврокомесарот Хан го посочи Договорот со Бугарија како позитивна практика на решавање на билатералните прашања, рече дека е охрабрен од напорите да се зајакне довербата со Грција во разговорите што се водат под покровителство на ОН и оцени, како што рече, од она што му е познато, дека решение за спорот е можно во скоро време.

Комесарот за проширување пренесе дека Европската комисија е посветена и мотивирана да ја поддржи Македонија во остварувањето на стратешката цел – членство во ЕУ.

Премиерот Зоран Заев во изјавата за медиумите испрати порака дека Република Македонија е подготвена за нов чекор напред, по чистата препорака за почеток на преговорите со ЕУ во Извештајот за напредокот на Република Македонија, а тоа е одлука за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, на Советот на министри во јуни.

„Владата на Република Македонија уште поенергично ќе ги води реформските и политичките процеси во следните два месеца, за во јуни, Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија. 

Цврсто сме определени да спроведеме одржливи решенија за суштинските реформи, и по Планот 3-6-9, врз основа на Извештајот на Европската комисија, ќе утврдиме нов План за реформската динамика до крајот на 2018 година, којшто ќе биде најверојатно поврзан со имплементацијата на она што го усвоивме“, рече премиерот Заев. 

Премиерот Заев, како што рече, му се заблагодарил на еврокомесарот Хан, на тет а тет средбата што ја имаа утрото, за поддршката од државите членки на ЕУ, на напорите за обновата на демократските вредности во Македонија.

„Извештајот на Европската комисија ги вреднува сите наши досегашни заложби и отпочнати процеси за темелни реформи и инклузивни политики, што се одлика на една демократски ориентирана држава,“ рече премиерот Заев.

Тој потсети дека во изминатите два извештаја на Европската комисија, заради длабоката политичка криза, назадувањето со реформите и констатацијата за „заробена држава“, препораката за почеток на преговорите беше суспендирана и условена со обезбедување демократски амбиент и демократски реформи, согласно очекувањата на граѓаните, согласно договореното во Пржино и согласно препораките на групата на Прибе.

Премиерот Заев посочи дека „оваа година, препораката е чиста и безусловна, Република Македонија го задоволува основниот политички критериум за членство во ЕУ, што треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување во членство во ЕУ“.

-Мнозинската волја на граѓаните, застанати зад определбата за едно современо општество за сите, ја донесе одлуката за демократска и европска Република Македонија и за промена на стагнацијата со проактивни политики кон реформи и пријателства што придвижуваат напред. Сите знаеме и зошто – затоа што членството во ЕУ и во НАТО значи и подобра бизнис клима, и повеќе инвестиции, и повисоки плати, и подобар живот.

И во оваа прилика, пред еврокомесарот Хан и нашите европски пријатели, сакам да се заблагодарам на сите граѓани, на граѓанскиот сектор, на сите политички субјекти во државата, за свесноста и одговорноста што ја покажавме.

Планот 3-6-9 што го зацртавме ги опфати Итните реформски приоритети нотирани во договорите од Пржино, извештаите на Прибе, забелешките на коишто укажа во претходниот извештај Европската комисија. Низ конструктивните политики на Владата и низ соработката со сите засегнати страни и со широката политичка поддршка и вклученост на опозицијата во процесите, што е исто така вредно да се посочи, донесовме важни законски решенија согласно успешни европски практики за независно судство, професионални разузнавачки служби, ефикасна јавна администрација. Ќе овозможиме и професионални медиуми и доверливо изборно законодавство, изјави премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев дополни дека се усвоени најважните стратегиски документи со поддршка од сите парламентарни политички партии и најави натамошни конструктивни политики.

„Ќе продолжиме заедно со опозицијата и со граѓанскиот сектор да работиме и заедно да ги носиме одлуките и за сите други стратешки граѓански, државни и национални интереси. Тука мислам и на обезбедувањето широк граѓански и државен консензус во решавањето на спорот со Грција.

Европската унија, со политиките на строго, но праведно оценување и на отворени врати, помага и мотивира во сериозните реформи со коишто се зафативме како Република Македонија и како регион, како и во фокусираноста кон достоинствени решенија за билатералните прашања.

Само европските и атлантските перспективи на Република Македонија и на регионот во целина, носат квалитетен живот за граѓаните и за нашите држави и само обединета Европа носи целосна стабилност и безбедност на континентот на којшто географски сите припаѓаме, како и шанси за наш вистински заеднички придонес во заложбите за стабилен и безбеден свет“, рече во обраќањето на заедничката прес конференција со еврокомесарот Хан, премиерот Зоран Заев.

На новинарското прашање што значи оваа препорака за Македонија за луѓето на пример во Германија, зошто Македонија е подобро подготвена од минатиот пат и која би била користа за ЕУ, нашата земја да стане членка премиерот Заев рече дека „Македонија помина низ многу тешка криза и ова е потврда за успешното излегување од кризата, враќањето на реформскиот процес и враќањето на институциите во системот на Република Македонија“. Тој дополни дека е среќен што е постигнат успех за краток период, заедно со граѓаните, со опозицијата и со сите чинители во општеството, Македонија да добиеме кристално чиста препорака.

„Сакам да знаат нашите пријатели од Германија, но и на Австрија, на Франција, на сите земји во Европската унија, од малата Република Македонија може да добијат додадена вредност. Ние сме пријателска земја, имаме европска култура, имаме европско минато, имаме европска иднина и може да бидеме само позитивна додадена вредност на сите овие убави европски вредности и убави перспективи, рече во одговорот“, премиерот Заев.

На новинарското прашање до еврокомесарот Хан, дали ЕУ има план Б доколку не се реши спорот со името, еврокомесарот за проширување рече ова прашање е во секој случај важно, не затоа што би започнале преговорите, туку поради добрососедските односи. Еврокомесарот Хан сугерира да се искористи моментумот за договор што е можно поскоро. Тој оцени дека и двете страни се одлучни да најдат решение и многу работат да го достигнат тоа решение и дека е важно да има фер договор, правичен договор којшто ќе им служи на интересите и на потребите на двете страни. Според комесарот за проширување, Хан, има посветеност и можно е во блиска иднина да се постигне договор.

Пред прес конференцијата и тет а тет средбата на премиерот Заев и еврокомесарот Хан имаше работен појадок на делегации на Владата на Република Македонија и на ЕУ. Еврокомесарот Хан на работниот појадок посочи дека процесот на интеграција е на база на индивидуални заслуги и дека освен на имплементацијата на законските решенија важно е и посветувањето внимание на економскиот развој. Премиерот Заев нагласи дека чистата препорака е голем мотив за Република Македонија, дека земјата останува фокусирана на реформите и дека очекуваме датум за почнување преговори во јуни годинава.