29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев и министерот Бектеши на регионалниот Б2Б настан

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на регионален настан на Б2Б средби помеѓу компании од Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово во организација на Стопанската комора на Северозападна Македонија.  Настанот е дел од проектот помогнат од УСАИД „Создавање на работни можности за микро, мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија“. Покрај премиерот свои воведни обраќања имаа и Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, министерот за економија, Крешник Бектеши, Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа и претставникот на УСАИД во нашата земја, Ерик Јановски.

„Бизнисот, деловната соработка и економската соработка се важни ако сакаме државите да ни одат напред, а народот да ни биде среќен и младите да ги задржиме овде. Нашите три земји, Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово имаат одлична соработка пред се на политички план, а и на деловен план. Граѓаните ни се роднински и пријателски поврзани, но потенцијалите за нашата економска соработка се многу поголеми од тоа што денеска го имаме. Како Влади фокусирани сме да изградиме подобра инфраструктура и да ги подобриме административните процедури помеѓу нашите земји колку што е можно повеќе, да ги пренесеме искуствата едни на други колку што е возможно повеќе и да создадеме атмосфера за вас деловните луѓе од целиот овој регион во било која земја да соработувате и да инвестирате, да се чувствувате како дома“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

Тој додаде дека интензивно се работи на изградба на инфраструктура којашто ќе ги поврзува трите земји, го спомена неговото неодамнешно присуство при пуштањето на автопатот кој ќе ги поврзува Приштина и Скопје и информираше дека е распишана тендерската постапка од првата фаза од изградбата на автопатот Скопје-Блаце, а на почетокот на наредната ќе биде распишана тендерска постапка и од втората фаза. Како важно го потенцираше и отворањето на новиот царински терминал на Ќафасан и рече дека МЕ ги привршува сите административни процедури за отворање на One Stop Shop на овој граничен премин.

„Нашата намера е со брз интензитет да го изградиме автопатското решение Скопје – Блаце во вкупна должина од 12.5 км. Автопатот Кичево – Охрид се гради со одлична динамика, ги решивме големите административни проблеми со Ексим банката и со НР Кина којашто стои зад овој проект преку кредитна линија и е дел од големиот паневропски Коридор 8 кој прави поврзување на Драч, Тирана, Струга, Охрид, Скопје, Софија се до Истанбул. Ова претставува многу значајна делница којашто ќе даде сериозен придонес во унапредувањето пред се на економската соработка“, додаде премиерот Заев.

Премиерот Заев адресираше решенија и за главниот проблем од недостаток на квалификувана работна сила со кој се соочуваат бизнисите, кои се однесуваат на доквалификација, дуално образование и тренинг и подготовка на квалификувани кадри, а зборуваше и за мерките за привлекување на странски директни инвестиции.

„За нашите три земји, Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово доаѓа убаво време. Република Албанија е веќе членка на НАТО, ние очекуваме до крајот на декември да станеме членка на НАТО, а тоа е кредибилна најава за бизнисот дека ќе има стабилност и безбедност, ќе владее мир и ќе има просперитет“, рече премиерот Заев.

Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика бизнисмените од Северна Македонија, Албанија и Косово да работат на создавање на ланец на меѓусебна соработка, а Владите на трите земји ќе работат на подобрување на бизнис климата и условите за водење бизнис, пред се во делот на инфраструктурата и институционалната поддршка.

„Трговската размена со Албанија и Косово има голем потенцијал кој треба да се искористи во иднина. Затоа ни е неопходна регионална економска интеграција преку заедничка институционална соработка. На тој начин ќе се создаде регион на отворена и слободна трговија на добра, услуги и инвестиции кој исто така ќе претставува и наша подготовка за наше учество во единствениот пазар на Европската унија. Затоа треба целосно да бидеме посветени на градење на доверба и регионална соработка во инвестициони и трговски политики, олеснување на транспортот и почитување на постоечкото трговски договори“, истакна министерот Бектеши.

Тој информираше дека во изминатите два дена при официјалната посета на Тирана на средбите со министерката за финансии и економија Данила Денај и министерот за внатрешни Сандре Лешај договориле за два месеци да се завршат техничките постапки и процедури за воведување на „One Stop Shop” односно заедничко гранично управување на патниот граничен премин Ќафасан- Кафатане,  со што драстично ќе се намали времето на чекање на превозниците, ќе се намалат трошоците на компаниите, ќе се забрза протокот на патници, стока и превозни средства.