19/04/2024
Македонија

Премиерот Заев и владините претставници најавија нови активности согласно Истражувањето на Светска банка, УНДП и ЕУ

Денеска, во Владата на Република Македонија, беше презентирано Истражувањето за социо-економската положба на граѓаните Роми во Република Македонија, како една од петте земји од Западен Балкан опфатени во Регионалното истражување на Светска банка и УНДП (ОН), финансиски поддржано од ЕУ.

Високите претставници од Светска банка, од УНДП (ОН) и од ЕУ ги поздравија резултатите од Истражувањето, што покажуваат најдобри постигнувања во Република Македонија за положбата на граѓаните Роми, во однос на другите земји од Западен Балкан.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Марко Мантованели, Шила Марни, претставничка од Регионалната канцеларија на УНДП од Истанбул, Луиза Винтон, постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН (УНДП) и Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ изразија почитување за посветеноста на премиерот Зоран Заев, како и на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и на Владата кон политики на одржлив развој и еднакви права и можности за сите граѓани во Република Македонија и посочија дека ваквиот тренд треба да продолжи за да се добијат уште повидливи резултати за ова прашање кое што е предизвик за регионот, но и за Европа.

Премиерот Заев, во воведното обраќање рече дека “охрабруваат податоците што упатуваат на подобрување на условите за живот на Ромите во Република Македонија, во споредба со другите држави од Западен Балкан“.

– Одлучно ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, со еднакви шанси за сите, како што пишува во Уставот, според правото на еднаквост со кое што се раѓа секој граѓанин. Оваа граѓанска Влада, во соработка со граѓанските организации – ќе обезбеди социо-економска стабилност на сите граѓани на Македонија. Ќе продолжиме да мотивираме со нашите политики на еднаквост во регионот!, рече премиерот Заев.

– Според истражувањето, забележан е напредок во запишувањето граѓани Роми во нашата земја, во основно или пониско средно образование – оваа стапка во моментов е највисока од сите други држави во Западен Балкан. Или, третина од граѓаните Роми (31 процент од граѓаните на возраст од 22 до 25 години) завршуваат високо средно или терциерно образование во земјава и тој процент е повторно висок во Западен Балкан. Но знаеме дека може и мора подобро, додаде премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи на активностите на Владата согласно меѓународните увиди за значењето на предучилишното образование во животот и понатаму на пазарот на труд.

– Во рамки на проектот Инклузија на деца Роми во предучилишни установи, во текот на учебната 2017-2018 година, запишани се вкупно 514 деца Роми, во 19 општини во Македонија, или 82 % од предвиденото. Потребни ни се резултати за активирање на граѓани Роми, од 18 – 24 години, во училиште или обука, или на пазарот на трудот.

Се заложивме како Влада, во соработка со граѓанскиот сектор и во моментов функционираат 12 ромски информативни центри, во 12 општини во земјава за информирање, советување, упатување на Ромите, за остварување на нивните права.

Владата на Република Македонија веќе донесе Програма со којашто се ослободуваат од плаќање здравствена партиципација децата, чии родители се корисници на правото на социјална парична помош, што во голем дел ги опфаќа ромските семејства.
Мене ми е драго што Истражувањето покажува дека речиси сите Роми сега поседуваат лична документација. Управата за водење матични книги отвори Оглас, за сите лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени, со оглед на информациите што ги имаме дека околу 600 Роми, според евиденциите, се соочуваат со овој проблем.

Владата, преку МТСП и заедно со граѓанските организации исто така сериозно е посветена на подигнувањето на свеста во врска со ризиците од раното стапување во брак.

За приоритетните прашања за граѓаните Роми, одвојуваме пари и од централниот буџет, а посветени сме и на изнаоѓање донаторски средства, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, при тоа повика:

– Но неопходно е, сите, како општество, да ги надминеме предрасудите и повикувам, секој од нас, граѓанин, институција, општина, претпријатие, да биде потенцијален мост на соработка! Од социо-економски аспект, говориме најмногу за интеграција во приватниот сектор и прилагодување на специфичните потреби на ромската популација, со особен фокус на вработување и социјални реформи коишто ќе значат правилна интеграција и во пракса, како што се и на хартија.

Политичкото учество на Ромите во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите, како позитивен модел во Македонија и во регионот, очекуваме допрва да даде видливи резултати. Има политичка волја за вистинска имплементација на Стратегијата. Ги следиме европските препораки, меѓу коишто е и Европската Платформа. И Македонија ќе покаже дека освен што ја има единствената општина во светот каде што мнозинството граѓани се Роми и зборуваат на својот мајчин јазик, во исто време сме и држава што ги развива правата за сите граѓани. Ќе продолжиме да мотивираме, ќе водиме и предводиме во унапредувањето на правата на Ромите во регионот, рече премиерот Заев.

Пред присутните претставници, носители на Истражувањето, претставници на локалните самоуправи, на граѓанскиот сектор се обратија и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот без ресор Аксел Ахмедовски.

Министерката Царовска посочи дека заложбите продолжуваат во насока на намалување на јазот меѓу граѓаните, со цел “еднаков пристап до права и услуги за сите“.

– Претстојната социјалната реформа преку воведувањето минимален адекватен приход ќе помогне посебно на социо-економски најзагрозените граѓани, меѓу кои се и граѓаните Роми, рече министерката Царовска и најави активности за функционални населби.

– Ја поздравувам политичката посветеност на Владата за подобрување на условите за живот и работа на граѓаните Роми и очекувам тоа да придонесе кон намалување на иселувањата на младите граѓани Роми од државата, рече министерот Ахмедовски.

На Презентацијата се обратија и претставниците на ЕУ, Светска банка и УНДП.

– ЕУ ја поздравува посветеноста на оваа Влада во процесот на инклузија на Ромите, воедно ЕУ ја поздравува и заложбата на оваа Влада за вклучувањето на Ромите во општеството, вклучително и Ромите без лични документи, рече раководителот на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ, Бертолини, кој посочи на важноста од координиран пристап во решавањето на прашањето.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Мантованели рече дека очекува резултатите од Истражувањето да помогнат на владите од регионот. “Прашањето за инклузијата на Ромите не е само предизвик за регионот туку за цела Европа. Со податоци и анализи може да се носат поефективни политики, програми и иницијативи.”

– УНДП придонесува со тренинзи и менторски програми, за подобрување на стапката на успех во програмите за креирање работни места за граѓаните Роми, ќе продолжиме со поддршката, рече Постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН (УНДП), Луиза Винтон. Таа ја поздрави одлучноста на Владата да ја подобри состојбата на Ромите и изјави дека Обединетите нации ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за остварување на Глобалните развојни цели – за никој да не биде изоставен.


Обраќање на премиерот Зоран Заев: Македонија, едно и единствено општество за сите

Почитувани високи претставници на Светска банка и на ОН и УНДП, носители на Регионалното истражување за социо-економската позиција на Ромите во земјите на Западен Балкан,

Почитуван директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Марко Мантованели,

Почитувана Шила Марни, претставничка од Регионалната канцеларија на УНДП од Истанбул,

Почитувана Луиза Винтон, постојана претставничка на Програмата за развој на ОН (УНДП),

Почитуван Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ,

Почитувана министерке за труд и социјална политика, Мила Царовска и претставници на Министерството за труд и социјална политика, вклучени активно во политиките насочени кон подобрување на условите за живот и работа на граѓаните Роми во нашата држава,

Почитуван министер без ресор Аксел Ахмедовски, задолжен и за Национален контакт за Ромска инклузија,

Почитувани присутни,

Ги разгледав резултатите од Истражувањето за социо-економската состојба на Ромите во Западен Балкан и нашата држава.

Сакам веднаш да кажам: 
Охрабруваат податоците што упатуваат на подобрување на условите за живот на Ромите во Република Македонија, во споредба со другите држави од Западен Балкан.

Одлучно ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, со еднакви шанси за сите, како што пишува во Уставот, според правото на еднаквост со кое што се раѓа секој граѓанин. Оваа граѓанска Влада, во соработка со граѓанските организации – ЌЕ ОБЕЗБЕДИ СОЦИО – ЕКОНОМСКА СТАБИЛНОСТ НА СИТЕ ГРАЃАНИ НА МАКЕДОНИЈА, Ќе продолжиме да мотивираме со нашите политики на еднаквост во регионот! На тоа се обврзавме и работиме секојдневно.

Почитувани,

Според истражувањето, еве на пример за трендовите во образованието, забележан е напредок во запишувањето граѓани Роми во нашата земја, во основно или пониско средно образование – оваа стапка во моментов е највисока од сите други држави во Западен Балкан.

Или, третина од граѓаните Роми (31 процент од граѓаните на возраст од 22 до 25 години) завршуваат високо средно или терциерно образование во земјава и тој процент е повторно висок во однос на земјите од Западен Балкан.

Но сите знаеме дека може и мора подобро. Важно е тоа што ние, како држава и како Влада, се приклучивме на европските и светските политики на детектирање на предизвиците. Не отстапуваме од таа одлучност. И со тоа што сме на оваа маса овде, заедно со нашите партнери од Европа и светот, за ова важно прашање за инклузијата на Ромите,- покажуваме дека сме влезени чекор понатаму, во начините на справување со посочените предизвици.

Податоците на регионално ниво покажуваат ограничен пристап до можности за Ромите, од секој аспект: здравство, образование, домување, вработување, стандард на живеење.

Меѓународни пракси, како што е наведено и во ова Истражување, покажуваат дека предучилишното образование има големо значење во понатамошниот тек на животот и поставувањето на граѓаните на пазарот на труд.

– Во рамки на проектот Инклузија на деца Роми во предучилишни установи, во текот на учебната 2017-2018 година, запишани се вкупно 514 деца Роми, во 19 општини во Република Македонија, или 82 % од предвиденото. Со овој проект ќе продолжиме. Потребни ни се резултати за активирање на големо мнозинство и Роми, од 18 – 24 години, да посетуваат училиште или обука, или да се вклучат на пазарот на трудот. Тоа е посочено и овде.

– Се заложивме како Влада, во соработка со граѓанскиот сектор и во моментов функционираат 12 ромски информативни центри, во 12 општини во земјава, активно работиме на информирање, советување, упатување на Ромите, за остварување на нивните права и обврски во социјалната заштита, здравството, домувањето, вадењето лични документи, вработувањето.

Но неопходно е, сите, како општество, да ги надминеме предрасудите и повикувам, секој од нас, граѓанин, институција, општина, претпријатие, да биде потенцијален мост на соработка! 
Од социо-економски аспект, говориме најмногу за интеграција во приватниот сектор и прилагодување на специфичните потреби на ромската популација, со особен фокус на вработување и социјални реформи кои ќе значат правилна интеграција и во пракса, како што се и на хартија.

– Во врска со домувањето и здравствената заштита коишто се нотираат како регионални проблеми, Владата на Република Македонија веќе донесе Програма со којашто се ослободуваат од плаќање здравствена партиципација децата, чии родители се корисници на правото на социјална парична помош, што во голем дел ги опфаќа ромските семејства.

– Мене ми е драго што Истражувањето покажува дека речиси сите Роми сега поседуваат лична документација.

Управата за водење матични книги отвори Оглас, со којшто се повикани сите лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени, да поднесат барање за дополнителен упис, со оглед на информациите што ги имаме дека околу 600 Роми, според евиденциите, се соочуваат со овој проблем.

– Владата, преку МТСП и заедно со граѓанските организации исто така сериозно е посветена на подигнувањето на свеста кај Ромите во врска со ризиците од раното стапување во брак. Третина од испитаниците во ова Истражување се изјасниле дека стапиле во брак порано од 18 години. Низ разговорите и советите на терен, се обидуваме да имаме подобрување на оваа состојба.

– Знаеме дека за социјална кохезија и еднаков развој на општеството се потребни средства, и за решавање на приоритетните прашања за Роми, одвојуваме пари и од централниот буџет, а посветени сме и на изнаоѓање донаторски средства.

Почитувани присутни,

Политичкото учество на Ромите во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите во Република Македонија, како позитивен модел во Република Македонија и пример во регионот, очекуваме допрва да даде видливи резултати.

– Има политичка волја кај оваа Влада за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија.

– Ги следиме и сме вклучени во сите европски препораки, меѓу коишто е и Европската Платформа за вклучување на Ромите за дизајнирање политики и активности во насока на инклузивна Европа.

И Република Македонија ќе покаже дека освен што ја има единствената општина во светот каде што мнозинството граѓани се Роми и зборуваат на својот мајчин јазик, во исто време сме и држава којашто навистина ги развива подеднакво правата за сите свои граѓани.

Како влада и како држава, со оваа волја и свест што ја покажуваме, уверен сум, ќе продолжиме да мотивираме, ќе водиме и предводиме во унапредувањето на правата на Ромите во регионот и пошироко.

Ви благодарам на сите што придонесувате Македонија да биде пример за држава која обезбедува еднакви можности за сите свои граѓани. Македонија, едно и единствено општество за сите.