20/04/2024
Македонија

Премиерот Заев ја почна официјалната посета на Романија со премиерката Данчила

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев ја почна официјалната посета на Романија, со средба со романската премиерка, Виорика Данчила.

Премиерката Данчила соопшти дека во Романија се почнати процедурите за ратификација на Протоколот за пристап на нашата држава во НАТО што е изгласано во Домот на пратениците. Во изјавата за медиуми таа рече дека очекува брзо заокружување на тој процес и дека Република Северна Македонија во најбрзо време ќе биде 30. членка на НАТО. 

Романската премиерка Данчила ја реафирмираше позицијата за продолжување на проширувањето на ЕУ, врз индивидуални заслуги за земјите од Западен Балкан. Таа изјави дека очекува дека во јуни ќе бидат потврдени политиките на проширување на ЕУ и охрабри нашата земја да продолжи со исполнување на реформските аргументи.

Премиерката Данчила јавно честиташе на премиерот Заев за неговиот придонес низ храброста и енергијата во големите процеси за нашата држава, што смета дека е инспирација за целиот регион.

Во изјавите за медиумите, премиерот Заев рече дека носи искрени поздрави од граѓаните на нашата држава и од Владата на Република Северна Македонија. 

– Во нивно и во мое име ви се заблагодарувам за вчерашната ратификација на Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО во Домот на пратениците на романскиот Парламент и за сета ваша поддршка во процесот на НАТО интеграциите на нашата држава.  

Посебно ми е драго што сме во официјална посета на Букурешт и што посетата се поклопува со една важна фаза во ратификацијата на Протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО од страна на пријателска Република Романија. Пред 11 години, токму овде во Букурешт, беше пропуштена историската можност за влез на нашата држава во Алијансата. Денес на темелите на минатото изградивме иднина. 

Северна Македонија е на атлантскиот пат. Пријатели, благодариме, порача премиерот Заев.

Освен за НАТО интеграциите, премиерот Заев се заблагодари и за поддршката во европскиот пат на Република Северна Македонија.

– Благодариме и што Република Романија, за време на претседавањето со Советот на Европската унија го одржува фокусот на проширувањето и ги мотивира заложбите на сите земји членки на Европската унија, да ја поддржат Република Северна Македонија во европските аспирации.

Без задршка ќе ги пренесам очекувањата на Владата и на граѓаните на нашата држава, по отворените НАТО перспективи, во јуни да ја потврдиме одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека „ЕУ и НАТО, за Република Северна Македонија, како и за регионот, но и за Европа се потреба. Значат стабилност, значат безбедност, значат економија, значат прогрес. На земјите од Западен Балкан, но и на Европа во којашто географски припаѓаме, а и на светот, на којшто му е сето ова и потребно и неопходно, за да може да се развива“. 

Претседателот на Владата, Заев објасни дека Република Северна Македонија е во процес на суштински реформи, дека има свест дека е важна имплементацијата на донесените закони и потребата да испорачаме резултати во клучните реформски области, водејќи се од европските принципи и вредности. Дека направивме пресврт во политичката клима во државата, а ја поставивме Република Северна Македонија на јасен демократски пат, како едно општество за сите во државата. 

– Презедовме храбри и внимателни политички чекори со коишто ги постигнавме договорите, прво со нашиот сосед, Република Бугарија, а потоа и со нашиот сосед Република Грција. Договорот од Преспа што го реализиравме, денес е пример дека се можни решенија на најчувствителните билатерални политички прашања, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека е значајно што со премиерката Данчила е постигната согласност за унапредување на економската соработка и можноста за одржување бизнис форум. 

– Интересот на инвеститорите за вложувања во нашата земја расте. А како две пријателски земји, кои немаат отворени политички прашања, имаме можност да се посветиме на економијата, она што е во директен интерес за граѓаните на нашите држави. Тоа ќе го направиме и со Договорот меѓу двете влади за соработка во образованието, науката, културата, медиумите, младите и спортот што е во завршна фаза за ратификација во нашето Собрание, наведе премиерот Заев.

Таа упати честитки за отворените НАТО интеграции и за крупните политички чекори направени за брзо време и рече дека Романија сака да ја види Република Северна Македонија како еднаква членка на НАТО. 

На билатералната средба упатени се честитки за целиот прогрес на нашата земја за НАТО, со надеж дека европскиот пат ќе биде реалност и дека тоа би бил најсреќниот момент од работата на романското претседателство. 

На состанокот се разговараше и за поконкретни иницијативи во меѓусебната соработка во областите на енергетиката и одбраната.

Средбата на ниво на делегации беше реализирана на високо владино ниво. Од страна на Романија, освен премиерката беа и министрите за надворешни работи, за одбрана, за дијаспора. Премиерот Заев пак е придружуван од заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи и заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски. 

Попладнето, предвидени се средби на премиерот Заев и делегацијата, со претседателот на Домот на пратениците, Ливиу Драгнеа, како и со заменик претседателот на Сенатот на Романија, Јулијан Клаудиу Манда.