Премиерот Заев: Ја реализираме потребата на граѓаните од Вардарскиот крај и Пелагонија за брз и безбеден пат

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска присуствуваа на настан по повод отпочнување на градежните работи за изградба на експресен пат Градско – Прилеп, делница Градско – Дреново. Во своето обраќање премиерот Заев истакна:

Денеска имам посебна причина да бидам тука и да ги поздравам граѓаните на Вардарскиот и Пелагонискиот регион, бидејќи денеска сме тука за да ја стартуваме новата фаза од реализацијата на експресниот пат Градско – Дреново, иницијатива која дојде како барање на граѓаните на овие два региони.

На овој начин, граѓаните од Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола, Крушево, Кривогаштани и другите поголеми или помали населени места зедоа учество, директно учество, во инклузивните програми на владата. Се вклучија со нивните предлози и упорност да отпочне и да се заврши овој експресен пат како исклучително важна делница од Коридорот 10, но и исклучително важна патна артерија за двата региона за граѓаните и за компаниите.

Најважно за граѓаните, е што овој експресен пат отвора нови можности за брза транспорт на луѓе и на производи, како и на непречено и лесно поврзување на идеите за нови иницијативи, нови проекти, нови контакти.

Можностите за лесно конектирање, за поврзување, инфраструктурното поврзување меѓу градовите, селата и населените места на цела територија на Република Македонија и поврзување на земјата со земјите од регионот и Европа претставува стратешки и врвен приоритет на Владата на Република Македонија. Со еден единствен интерес: Од полза и за добробит на граѓаните.

270 милиони евра се обезбедени оваа година за изградба, реконструкција и рехабилитација на повеќе од 60 патни правци во должина од околу 800 километри.

Тоа е сериозна градежна офанзива на патната инфраструктура во Република Македонија. Станува збор за проекти од голем, долгорочен интерес за економијата, за граѓаните, за идните генерации.

Дел од проектите ќе бидат завршени оваа година, дел ќе бидат започнати, но еден дел се очекува да бидат комплетирани во различни временски интервали следните неколку години.

Работиме на тоа да обезбедиме вистински услови за сите граѓани да имаат сигурен, безбеден и брз транспорт.

Почитувани,

Дозволете ми да се вратам на значењето на денешниот настан – на стартот на втората фаза од реализацијата на експресниот пат Градско – Дреново.

Ние нашите преземени обврски од овој проект ќе ги реализираме. Ќе ги отстраниме слабостите кои до сега ги имаше и ќе продолжиме понатаму.

Продолжуваме со постојан контакт со граѓаните. Нивните потреби се наша обврска. Доста беше изолација, ова е време на развој, поврзување и интеграција! Ова е време на граѓаните и нивните потреби!

Потреба на граѓаните од овие делови на Вардарскиот регион, како и на граѓаните од Пелагонија, беше да добијат современ брз, но и безбеден експресен пат.

Македонија во изминатите години беше инфраструктурно заостаната земја, со рурални средини без основни животни услови, без системи за снабдување со вода, фекални и атмосферски канализации. Патиштата станаа опасни и небезбедни. Според стандардите на ЕУ, дури 39%од патните решенија во нашата земја до сега беа крајно небезбедни. Еден од тие правци беше и овој. Со завршницата на градбата на овој пат, ќе замине во сеќавањата и оваа статистика.

Заради безбедноста на граѓаните се фокусираме на изградба на инфраструктура што ќе значи иднина за македонската економија, и, истовремено, ќе биде мрежа за сигурно и безгрижно патување и транспортна комуникација.

Нашата амбиција е, во името на граѓаните на нашата земја да ги реализираме нашите програмски одредници „Македонија без црни точки”, и инфраструктурно поврзување меѓу најголемите центри за кое нема да бидат потребни повеќе од 90 минути низ безбедни патни правци.

Почитувани,

И во оваа прилика сакам да ја искажам нашата благодарност, како благодарност на граѓаните на Република Македонија, за искрената поддршка на Делегацијата на Европската Комисија во нашата земја. Тие и овојпат го докажаа нивниот партнерски однос со политиките на владата, и особено со потребите на граѓаните на нашата земја, и издвоија голем дел од финансиските средства за овој екпресен пат од ИПА 2 програмите за поддршка на земјите во предпристапниот процес кон членство во ЕУ.

Конектирањето, поврзувањето е вредноста која е заедничка и за нас, и за Европската Унија, и која и овој пат ја докажуваме на дело во уште еден заеднички потфат.

Благодарам.