19/04/2024
Македонија

Премиерот Заев на Бизнис форум со италијански компании

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше и се обрати на Бизнис Форум, насловен – Крстосница на Балканот, инфраструктура, енергетика и животна средина во Република Македонија, во организација на италијанската амбасада во Македонија и ИЧЕ – Агенција за промоција во странство на италијанската компании.

На Форумот исто така се обратија и амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Карло Ромео и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, а панелисти на форумот беа и Анка Јоана Јонеску – директорка на ЕБРД за Македонија, Никола Бертолини – раководител на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Александра Капобјанко – директорка на канцеларијата на Агенцијата за промоција во странство на италијанските компании во Скопје, како и претставници на италијански асоцијации за градежништво, проектирање, за електронска и електротехничка индустријата и железницата.

Во своето обраќање пред присутните претставници од стопанството на Република Италија,  Премиерот Заев, повикувајќи ги да ја продолжат и продлабочат соработката со македонските компании, меѓу другото рече:

На мое огромно задоволство имам чест заедно со Амбасадорот на Република Италија во Македонија, Карло Ромео и со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов да го означам отворањето на овој Бизнис форум во организација на Амбасадата на Република Италија во Република Македонија и ИЧЕ – Агенција за промоција во странство на италијанските компании.

Длабоко верувам дека денешниот Бизнис форум претставува одлична можност да ги отвориме перспективите за развој на енергетиката и инфраструктурата и за заштита на животната средина преку плодоносна, квалитетна и широка дебата за прашања од исклучителна важност за иднината.

Македонија навистина претставува најважната крстосница на Балканот кога станува збор за инфраструктурното и енергетското поврзување. Но исто така Македонија претставува и нај цврстиот јазол кој ги поврзува земјите од Западен Балкан на културно и историско ниво.

За нашата земја да ја исполни таа своја клучна задача, планираме да ги ставиме во функција сите капацитети и да го впрегнеме целиот неискористен природен потенцијал што Македонија го поседува, да направиме поврзување на земјата преку патна, железничка и енергетска инфраструктура со земјите од регионот и Европа и секако да ја чуваме и унапредуваме животната средина.

Особено значајно за нас е да обезбедиме диверсификацијата и достапност на енергенсите до сите граѓани и до компаниите.

Во тој правец сме посветени на реализација на процесот на гасификација преку интензивирање на изградбата на гасоводната мрежа и гасоводно поврзување на земјата на гасоводот ТАП.

Целта е евтиниот енергенс, природниот гас да биде достапен до секоја куќа и домаќинство во Република Македонија, но и до огромниот потрошувачки потенцијал кој што го дава стопанството во Македонија.

Со тоа истовремено овозможуваме транзитирање на природниот гас низ Македонија кој понатаму ќе се користи и од потрошувачите на останатите земји во регионот, со што ќе се поттикне развојот на инфраструктурата во сите земји од Западен Балкан.

Гасификацијата на нашата земја не е само енергетски и економски проект, гасификацијата е и еколошки проект. Зашто, здравата и чиста животна средина е наш императив.

Во однос на планираниот развој на патната инфраструктура, започнавме градежна офанзива на изградба и рехабилитација на 800 км патишта низ цела Македонија. За таа цел обезбедивме средства во висина од 270 милиони евра, дел од нив се и од ЕБРД и Светска банка.

Во моментот почнаа со реализација два експресни патишта во вредност од 51 милион евра.

Со пуштањето на автопатот Демир Капија – Смоквица го комплетиравме Коридорот 10. 

Остануваме посветени на изградбата на Коридорот 8. Ги охрабрувам градежните компании од Италија да аплицираат на тендерски постапки и да бидат дел од ова ново поглавје во изградбата на македонската патна инфраструктура, железницата и гасоводната инфраструктура.

Проекциите за следните 3-4 години, во патната инфраструктура се околу 500 милиони евра, во железничката инфраструктура, само коридорот 8  од трите негови фази е во втората, тендерот се распишува, изнесува 650 милиони евра, дополнително на тоа 529 милиони евра е железничката пруга со завршена проектна документација, која што се надевам есенва ќе биде во постапка на објава, што во вкупна вредност за пругата Кичево-Линд изнесува 529 милиони евра.

Гасоводната мрежа, заедно со гасификацијата на урбаните средини, достигнува некои милијарда евра. Сето ова навистина би можело да биде изведено во Македонија, со искуството кое што италијанските компании го имаат, можат да донесат знаење во партнерство со нашите македонски фирми, и те како да направат квалитетна изведба на овие големи проекти, а со тоа и инфраструктурно Македонија да стане европска земја.

Кога станува збор за енергетиката, работиме посветено да ги достигнеме европските стандарди во процесот на менаџирање со енергетските ресурси и да поттикнеме нови инвестиции во енергетскиот сектор.

Еден исчекор кон исполнување на таа цел направивме со носење на новиот Закон за енергетика направен по европски терк. Ги спроведуваме одредбите и обврските од Третиот енергетски пакет на ЕУ и Директивата за обновливи извори на енергија.

Создаваме услови за:

  • Сигурно, безбедно и квалитетно снабдување со енергија на крајните потрошувачи
  • Ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор, заснован на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, кој што обезбедува високо ниво на сигурност во снабдувањето со енергија;
  • Безбедно, сигурно и ефикасно функционирање, одржување и развој на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас, како и системите за дистрибуција на топлинска енергија со цел да се обезбеди високо ниво на услуги за потребите на корисниците на овие системи;
  • Примена на воспоставените усогласени правила за прекугранична размена на електрична енергија и природен гас
  • Поттикнување на користењето на енергија од обновливи извори, вклучувајќи и соодветни и ефективни финансиски мерки за поддршка за достигнување на целите на политиката за обновливи извори на енергија и сигурност во снабдувањето со енергија,
  • Заштитата на животната средина и климата од негативните влијанија при вршењето на енергетските дејности.

Наша цел е да ја вратиме Македонија на европскиот енергетски колосек и ја поврзуваме со регионот, Европа и Светот. Во пракса и на дело!

Одговорниот пристап во спроведување на политики кои ќе го покренат целокупниот економски потенцијал што нашата држава го поседува очекуваме да резултира со забрзување на економскиот раст кој ќе донесе подобар живот за сите граѓани.

Развојот на енергетиката и инфраструктурата се цврста гаранција за одржлив економски раст на долг рок.

Од тие причини силно сме посветени да ги реализираме зацртаните цели и да поставиме сигурни и стабилни темели за еден одржлив економски раст.

Овде ни требаат пријателите. Италија е голем пријател на Република Македонија, земја која што е еден од главните столбови на Европската Унија, кон која што мојата земја тежнее. Од тоа име јас упатувам отворена покана, покана за пријателство, да ја продолжите и унапредите соработката која веќе ја имате со нашата земја, со домашните компании, да ја зголемите трговијата, но и да конкурирате за се она што претставува наша амбиција за изградба на сеопшта инфраструктура во Република Македонија.

На самиот крај сакам да изразам голема благодарност до Италија и италијанскиот амбасадор Карло Ромео за постојаната поддршка што Република Италија и ја пружа на нашата земја во повеќе сегменти.

Посакувам успешна и плодна дебата чиишто заклучоци ќе бидат значаен инпут во спроведување на квалитетни политики во интерес на граѓаните.

Во своите обраќања, амбасадорот Ромео и претставниците од Италија истакнаа дека Бизнис форумот во Скопје е уште една потврда за силниот интерес на италијанските компании кон овие пазари и сектори чие што присуство е многу важно за соработката со македонските фирми.

Италијанскиот амбасадор, Ромео посебно нагласи дека има италијански фирми кои што сакаат да се вклучат во проекти што Македонија сака да ги реализира во следните  години, како дел од еден амбициозен проект за инвестиции кои што вклучуваат проектирање и изградба на улици, на железници, гасоводи и многу други.


Премиерот Заев: Политичарите треба да им служат на граѓаните, да градат соработка, да ја унапредуваат Македонија и да и ја доближат евроатлантската перспектива

Ние, политичарите треба да им служиме на граѓаните и треба да градиме соработка, да ја унапредуваме Македонија во сите нејзини перспективи. Граѓаните се тие, што ќе одлучат на Референдум секако, а јас како Премиер и господинот Иванов како претседател, треба да им помогнеме на граѓаните, не да им одмогнеме.

Во таков случај, јас верувам, ние ќе имаме состаноци, таму можеме да ги вадиме сите аргументи. Секој да постапува, согласно своите надлежности, но да не заборавиме дека сме поставени, номинирани од граѓаните. Тие не поставуваат, тие не менуваат и согласно тоа, за вакво важно прашање одлучивме Референдумското изјаснување да биде многу важно. Јас, можам да зборувам само за она минато од 25 години, кое што го имавме. Тоа го знаат граѓаните, очекувајќи да се направи чекор кон Европската унија, чекор кон НАТО, полноправното членство. Сите овие фрустрации кои што ги видовме, сите овие миграции на млади луѓе, кои што ги видовме и тоа се фактите во Македонија и за нив зборува времето кое што го поминавме сите заедно од самостојноста на Македонија до денеска. Знаеме кои се перспективите, ако се реши проблемот, знаеме  дека интеграциите ни се достапни.

Знаеме дека веднаш стануваме членка на НАТО, знаеме дека почнуваме преговори со Европската унија. Сето тоа ни е на повидок, наше е да одлучиме. Јас, донесов одлука дека треба да направам сè, да склучам договор со Грција, кој што ќе биде достоинствен и ќе го сочува нашиот идентитет и ќе ги чува интересите на граѓаните на Република Македонија и на Република Грција, обезбедувајќи ја ваквата евроатлантска перспектива. И зборувам јавно, ќе се борам за тие ставови, но секако ќе има респект и за другите ставови. Важно е, да ги следиме чекорите, да не ја кочиме Македонија. Македонија, да одлучува онака како што одлучуваат сите демократски земји. На крајот, важно е прашањето Референдумско да биде изјаснувањето и од тој аспект само апелирам до сите политички чинители, да бидеме внимателни и да им помогнеме на граѓаните, а не да им одмогнеме во демократското право на носење на одлуки.