28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на Самитот 16+1: Овој значаен собир ги потврди големите инвестициски можности

Во рамки на одржувањето на Седмиот Самит на шефови на влади од процесот на соработка на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа во Софија, Република Бугарија Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев даде изјава за медиуми во којашто истакна:

Денеска сме во Софија, Република Бугарија заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски кадешто учествуваме на еднодневниот Седми Самит на шефови на на влади на земјите од Источна и Централна Европа со Народна Република Кина од процесот 16+1.

Овој значаен собир на земјите од ЦИЕ и НР Кина ги потврди големите инвестициски можности коишто стојат на располагање преку евтините кредитни линии наменети за целиот овој регион од кинеските банки преку процесите Патот на свилата и 16+1.

Ќе ја искористиме оваа значајна можност заедно со министрите да претставиме неколку капитални проекти коишто се од патната и железничката инфраструктура на кои може да воспоставиме соработка, но и ќе ја искористиме оваа прилика да ги зголемиме можностите за унапредување на културната соработка помеѓу Република Македонија, НР Кина и земјите од ЦИЕ.

Драго ми е што конечно кинеските компании се подготвени да учествуваат на тендери, а не по пат на преговори преку четири очи.

На пленарната сесија ги информирав премиерите дека во март го отворивме Центарот за координација на културната соработка на земјите од источна и централна Европа со НР Кина.
Овој центар претставува одлична можност за промоција и унапредување на соработката и за зацврстување и продлабочување на релациите помеѓу земјите во областа на културата којашто има централна улога во унапредување на меѓусебното разбирање и продуктивниот дијалог.

Република Македонија во септември ќе биде домаќин на 5-иот Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина на Тинк Тенк организации, а следната 2019 во наша организација ќе биде 4-иот Состанок на министри за културна соработка кој произлегува како наша обврска од процесот 16+1.

Со Народна Република Кина оваа година навршуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските релации и во тој дух ја искористив приликата да ја изразам нашата безрезервна благодарност за поддршката што ја добиваме од НР Кина и ја потенцирав цврстата заложба за продолжување на плодната соработка.

Убеден сум дека од овој самит ќе произлезат многу нови иницијативи и идеи кои ќе ја зацврстат и унапредат взаемната соработка како и поврзувањето и комуникацијата меѓу граѓаните од нашите земји.