29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на седницата за пратенички прашања

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска во Собранието на Република Северна Македонија, одговара на пратенички прашања. 

Премиерот Заев рече дека очекува, сериозните одлуки што ќе бидат донесени, да дадат сериозни економски резултати, што освен во бројки, ќе ги почувствуваат директно граѓаните.

До кога ќе раководам со Министерството за финансии – најдоцна до формирањето техничка Влада, 100 дена пред изборите, кога ќе одлучиме да одиме на избори, рече премиерот Заев, објаснувајќи дека нема намера да остане во Министерството за финансии во таквата техничка Влада, што е законска обврска. 

Претседателот на Владата, Заев, рече дека пред државата е неповторлив, драгоцен период.

– Ќе го искористиме до максимум за благодет на граѓаните. Да ја држиме мотивацијата на граѓаните за НАТО и за ЕУ и преку раст и развој на економијата. 

Може да се донесат сериозни одлуки со импакт врз граѓаните, рече премиерот Заев.

Тој соопшти некои од мерките.

– Да ги ослободиме малите и средни претпријатија со приход до три милиони денари, од давачките.

Платите да пораснат, да ги домотивираме работниците, со супституција на придонесите за пензиско и здравствено осигурување, рече премиерот Заев.

Тој објасни дека парите ќе ги даде државата преку уплаќање директно во фондовите, од средства што нема да бидат задолжување туку ќе треба да се обезбедат. Оцени дека ќе расте јавната потрошувачка, со тоа и парите во фондовите.

– Ако расте Пензискиот фонд, а ќе расте, тој фонд е за пензионерите, ќе има пари и за пензионерите, рече премиерот Заев.

Тој најави и флексибилност за странските инвестиции, поддршка за домашните фирми, прибирање даноци. 

– Ќе дадат ефекти. Верувам ќе дадат сериозни резултати за граѓаните, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека овие јавни најави ќе бидат притисок најавеното и да се реализира и оцени дека опозицијата нема да може да биде против доброто за граѓаните.

На седницата за пратенички прашања, премиерот Заев го објасни и присуството на состанокот на Управниот одбор на ЗЕЛС, каде е договорено од 1 јануари 2020 година да се продолжи со следната фаза на децентрализацијата.

– Ако се случува децентрализацијата, следна фаза без Парламентот не можеме ни да замислиме да биде. Најмалку 5 закони ќе се менуваат, најмногу од нив се двотретински закони, но волјата од сите, заеднички е дека треба да продолжиме со децентрализацијата заради додемократизација на институциите.

Барањето кое ЗЕЛС го има, 4,5% од ДДВ, во моментот колку што е, да се зголеми на 10% како нивен приход, или персоналниот данок од 3% на 50%, јас соопштив дека е легитимно барање, но мора да преземат и надлежности со ова барање, не само за пари. Парите се драгоцени и треба рационално да ги користиме, со задоволство ќе ги пренесеме со еден нов пакет на фискална децентрализација, но паралелно со преземање надлежности. Сите општини не се спремни да ги преземат надлежностите, но да го таргетираме 1 јануари 2020 година како цел и да формираме работни групи, да видиме кои се спремни за каков тип на надлежности. 

Формиравме работна група во којашто ќе учествувам и јас, министерот за локална самоуправа, за транспорт и врски, соодветните министри кои ги споменавме, а ЗЕЛС исто така ќе формира една работна група, којашто дополнително ќе си направи анализи и некаде до 15 јули да направиме прв состанок да ги таргетираме работите, а до 1 септември да имаме веќе одредени предлози за јавна дебата за пренесување на надлежности.

Голем дел од општините можат да ги преземат домовите на култура коишто сега се под централната власт. Јас мислам дека приматели на социјална помош многу полесно ќе добијат правична социјална помош ако тоа на локално ниво се одлучува, рече меѓу другото премиерот Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.