Премиерот Заев на состанокот во НАТО во мисијата „Решителна акција“

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, своите активности на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО, денеска ги започна со учество и обраќање на состанокот на лидерите на земјите членки и партнери во мисијата „Решителна акција“ што се спроведува во Авганистан.

На состанокот, премиерот Заев, придружуван и од делегацијата на Владата на Република Македонија со Заменик претседателката на владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, со Заменик претседателот на владата за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во негово име, во име на Владата на Република Македонија, и во име на народот, на присутните шефови на држави и влади, на министрите за одбрана и за надворешни работи, на земјите членки и на земјите партнери во мисијата, како и на Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, изрази благодарност за одлуката сојузниците да го отпочнат процесот за финализирање за полноправно членство на нашата земја во алијансата.

 „Тоа е историска одлука за иднината на мојата земја и нашите граѓани. Оваа одлука е признание за нашата посветена работа повеќе од две децении. Работејќи заедно, Владата и опозицијата со поддршка на сите граѓани – покажавме дека можеме да ја оствариме оваа наша стратешка цел“, истакна премиерот Заев.

Тој нагласи дека оваа одлука е признание за заложбата на Република Македонија за спроведување, заштита и споделување на заедничките евро-атлантски вредности и дека со отворање на вратите на НАТО за полноправно членство, Алијансата покажа зошто оваа организација е толку важна и силна за поддршката на Југоисточна Европа и за Европа.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, обраќајќи се пред присутните и пред Генералниот секретар Столтенберг и Претседателот на Авганистан Гани, потенцираше дека, како 30-та земја-членка на НАТО, земјата е подготвена да продолжи целосно да го споделува товарот, должностите и одговорностите заедно со сојузниците, во зачувувањето на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.

„Во буџетот за оваа година ставката за одбранбените политики, односно за АРМ е зголемена за 14 отсто, а нашата определба е да се зголемува секоја наредна година за 0,2 проценти, со цел и со цврста политичка волја, до 2024 година, да издвојуваме 2 отсто од БДП на земјата за буџетот на армијата“, рече премиерот Заев.

Во продолжение тој додаде дека Република Македонија целосно ја прифаќа колективната определба на партнерите на НАТО за понатамошно создавање средина која ќе му овозможи на Авганистан да го консолидира својот мир, безбедност, одржлив развој и просперитет. Во оваа фаза, нашите напори ќе бидат во поголема мера фокусирани на понатамошна поддршка на доброто владеење, демократијата и човековите права, вклучувајќи ги и жените и децата, кои се дел од суштинските предуслови за развој на целокупната земја, како и во борбата против корупцијата, што е од еднакво значење“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев, додаде дека е особено важно Авганистан да ја добие силна поддршка за подобра иднина на земјата и нејзините граѓани, како и за постигнување на одржлива политичка стабилност и безбедност за време на претстојните парламентарни избори во октомври 2018 и на претседателските избори во 2019 година, со што ќе биде овозможено важните политички процеси и реформи во земјата да продолжат.

„За поддршка на овие процеси, истовремено признавајќи ја важноста на фер избори, како предуслов за консолидација на демократијата и владеењето на правото, Република Македонија ќе испрати одреден број лица за поддршка на изборите во Авганистан, за да бидат дел од асистенцијата за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили, и за активностите за помирување и за мир во земјата. Ние веруваме дека авганистанската влада и другите политички актери во земјата ќе ја препознаат важноста на овие процеси и понатаму ќе продолжат да ја прифаќаат стабилноста и соработката. Алијансата, оперативните партнери и меѓународната заедница се тука за да помогнат со конструктивна поддршка од суштинска важност“, рече премиерот Заев во своето обраќање, на состанокот на лидерите на земјите членки и партнери во мисијата „Решителна акција“, и додаде дека Република Македонија го зголеми учеството во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан како придонес кон усогласената меѓународна поддршка за одржлив и интегриран пристап за постигнување резултати во блиска иднина во Авганистан.