28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со Претседателот на ЕБОР Чакрабарти

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска, се сретна со претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Сума Чакрабарти, кој е во посета на Северна Македонија во рамки на регионалната посета на Западен Балкан, пред Годишното собрание на ЕБОР што ќе се одржи од 7-9 мај во Сараево, Босна и Херцеговина.

На средбата, делегацијата од ЕБОР упати честитки по повод изборот на новиот претседател на државата, Стево Пендаровски, оценувајќи ја позитивно можноста граѓаните демократски да ја изразат својата волја.

Претседателот на ЕБОР Чакрабарти ги оцени високо досегашните политики на Владата за преземените реформи, оценувајќи го како исклучителен исчекор договорот со Грција, кој, како што беше оценето, е одлична можност за посветување на останатите економски процеси и инвестициски можности важни за граѓаните на Северна Македонија и регионот.

Претставниците на ЕБОР ја изразија посветеноста на Банката за продолжување и интензивирање на можностите за соработка со Владата на Република Северна Македонија, во областа на енергетиката, производството на електрична енергија од обновливи извори и процесот на гасификацијата, како и за развој на патната и железничка инфраструктурата, за поддршка на приватниот сектор, како и за поддршка за подобрување на услугите на локално ниво.

Премиерот Заев се заблагодари за континуираната поддршка на Европската банка за обнова и развој, оценувајќи дека Владата останува посветена на политичкиот дијалог со опозицијата и одличната соработка со соседите, со единствена цел да ги оствари евроатлантските интеграции, што ќе доведе до стабилност, подобрување на условите за работа на домашните компании и привлекување странски инвестиции, за подобрување на економската положба на граѓаните.

Во рамките на посетата на Владата на РСМ, Претседателот на ЕБОР Чакрабарти оствари средба и со заменикот на претседателот на Владата Кочо Анѓушев задолжен за економски прашања, на која разговараа за динамиката на остварување на стратешките капитални проекти во енергетиката, патната и железничката инфраструктура.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека заедничката соработка во дел од клучните проекти значи дека ЕБОР е наш партнер и ја дека препознава дека во фокусот се потребите на нашите граѓани, за подобри патишта, железници, гасовод, што во исто време се значајни и за развојот на економијата и придонесуваат за конкурентно стопанство.