28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со бизнисмени од Македонија, Грција и Бугарија

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска во Гевгелија се сретна со стопанственици од југоисточниот регион на Македонија и од Грција и Бугарија, со кои разговараше за економските придобивки од членството на Македонија во ЕУ и НАТО и од воспоставеното пријателство со Република Грција преку постигнувањето на договорот во Преспа.

Премиерот Заев, кој беше придружуван од амбасадорот на Република Грција Димитрис Јанакакис, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани  Макрадули градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков, и други градоначалници од регионот, со претприемачите разговараше за подобрувањето на односите и за градење пријателски релации со Република Грција, и со другите соседи на нашата земја.

„ Овој регион е многу важен бидејќи партиципира сериозно во вкупниот БДП, трговксата размена, извозот, увозот којшто Македонија го има. Потенцијалот којшто го отвораме после успешниот референдум е уште поголем. Грција е втор најголем трговски партнер на Македонија, после Германија. Мене ми е многу драго што уште во најава на имплементацијата на Договорот веќе бројките покажуваат сериозно следење од страна на бизнис заедницата на трендот на раст на тоа пријателство и партнерство. Голем дел од фирми од Македонија и Грција се партнери, со мешовит капитал, пријателството отвора сериозни перспективи. Во првите седум месеци од 2018 година, во споредба со јануари-јули 2017 година, вкупната трговија пораснала за 16,5 проценти, изразена во евра или 27,9 проценти изразена во долари. Ако била 419 милиони евра трговијата меѓу Македонија и Грција, во првиот квартал или првите седум месеци од 2018 година таа пораснала на 489 милиони евра, а договорот е во фаза на имплементација, по што следи референдум“, рече премиерот Заев кој посебно истакна дека Република Грција е втора по ред земја со која Македонија им најголема трговска размена по обем, веднаш по Германија, што покажува дека се подобрува економската соработка и се очекува во иднина уште поголемо интензивирање на ваквите позитивни трендови.“ рече премиерот Заев.

Премиерот Заев пред присутните бизнисмени истакна дека вториот дел од Договорот за решавање на македонско – грчкиот спор и стратешко партнерство, кој не е многу експониран во јавноста, определува интензивирање и збогатување на соработката помеѓу двете земји, што ќе обезбедува само бенефити за стопанствениците од двете земји.

Амбасадорот на Република Грција Јанакакис се заблагодари на позитивните оценки на премиерот Заев за пограничната соработка меѓу Грција и Македонија, наведувајќи го како пример на добра соработка меѓу двете земји, денешното пуштање во употреба на пречистителната станица на отпадни води во Гевгелија, инвестиција со вкупна вредност од 10 милиони евра, финансиска поддршка швајцарската влада, и од владите на Република Македонија и Република Грција и општина Гевгелија.

Грчкиот амбасадор, изрази уверување дека заедничката соработка меѓу соседните земји Македонија и Грција уште повеќе ќе се интензивира откако ќе се реализира договорот, кој беше потпишан во Преспа.

Премиерот Заев упати апел до бизнисмените, до производствените компании, оние кои го прошируваат својот обем на работа и воведуваат иновативност, да конкурираат да добијат подршка од буџетот, за проекти во ТИР зоните каде е предвидено ослободување на данок, односно да се заинтересираат за мерките кои Владата ги презема да ги мотивира стопанствениците.

Како проект, кој ќе обезбеди дополнителна работа за приватните компании, премиерот Заев го спомена договорот со Грција за гасификација на цел југоисточен регион, како и средствата за прекугранична соработка обезбедени од ЕУ.

Премиерот Заев повтори дека Македонија нема друга перспектива, освен зачленувањето во ЕУ и НАТО, акцентирајќи дека со отворањето на граничните премини на бизнисмените од регионот ќе им се отвори европскиот пазар на половина милион жители, што ќе обезбеди економски развој на државата и повисоки приходи за граѓаните, поголеми инвестиции и нови работни места.

На средбата со премиерот Заев, претприемачите разговараа за конкретни начини за поддршка на бизнис проекти и беше поздравена иницијативата за погранична соработка меѓу стопанствениците од Македонија и од Грција со цел размена на искуства и поттикнување взаемни инвестиции.

Истовремено, претставниците на деловната заедница изразија поддршка на реформските политики на Владата на РМ во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот.