29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со директорот на Фондацијата Вестминстер

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска, во пресрет на неговото, и на учеството на владината делегација на Самитот ЕУ/Западен Балкан во Лондон, се сретна со Извршниот директор на Фондацијата за демократија Вестминстер од Велика Британија, Ентони Смит.
 
Премиерот Заев на средбата го истакна придонесот на канцеларијата на Фондацијата Вестминстер во Република Македонија, која во изминатите 10 години спроведуваше проекти од исклучително значење за јакнење на капацитети на Собранието на нашата држава, на унапредувањето на парламентарната демократија, како и за демократизацијата на политичките партии.
 
Извршниот директор на Фондацијата за демократија Вестминстер, Смит го издвои како исклучително позитивен напредокот што го направи Република Македонија во изминатата година, и потенцираше дека позитивниот пресврт беше направен со храбрите чекори што ги презеде Владата на РМ со договорот со Бугарија, и особено со договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство. Тој додаде дека со новите вредности во соседската и регионална политика, како и со унапредувањето на демократскиот амбиент, Република Македонија доби и соодветно признание со датумот за преговори со Европската Унија и со најавеното активирање на поканата земјата да стане 30-та членка на НАТО.
 
На средбата е изразен заеднички заклучок дека на референдумот за договорот со Република Грција, граѓаните на Република Македонија ќе ги верификуваат политиките што ги отворија вратите на ЕУ и НАТО.
 
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев потенцираше дека гласот на пратениците е контролниот глас на граѓаните и дека и во претстојниот период од огромна важност е поддршката за унапредување на парламентарната демократија, демократизацијата на политичките партии и за јакнење на институциите како клучни во реформите што треба да бидат заокружени до отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ во јуни идната година.