28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со германскиот пратеник Сарацин

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Мануел Сарацин, пратеник во германскиот Бундестаг, придружуван од амбасадорот на Република Германија во Република Македонија, Томас Герберих.

Пратеникот Сарацин пренесе позитивни впечатоци од официјалната посета на премиерот Заев и на владината делегација на Република Германија и изрази надеж дека Владата и Република Македонија ќе продолжат по започнатиот реформски пат и политиките на градење пријателства што ги отвораат евро-атлантските перспективи на земјава.

– Поддршката што ја добива Република Македонија од Република Германија е големо охрабрување дека Германија е фокусирана на стабилна Македонија и на стабилен Балкан, на подобрување на животот на граѓаните во нашата држава, со оглед на одличната економска соработка и инвестициите, како и на приближувањето на Република Македонија кон ЕУ, рече премиерот Заев.

На средбата заеднички е констатирано дека во интерес на Република Македонија е реализацијата на важните реформи, посебно за судството, коишто треба да осигураат владеење на правото. Исто така заклучено е дека ова е важен период за државава, кога сите треба да дадат свој придонес во процесите.