29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со поранешниот словенечки премиер Роп

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со поранешниот премиер на Република Словенија, Антон Роп.

На средбата беа разменети размислувања и искуства што Република Словенија ги имала во процесот на пристапување и интегрирање во ЕУ и НАТО, кои заеднички беа оценети како исклучително корисни за Република Македонија во продолжување на процесите за европската и евро-атлантската интеграција на земјата.

Во таа насока се одвиваше и дискусијата и беше констатиран напредокот што земјата го направи во меѓународната политика и интеграциските процеси, но беа разгледани и можностите за продлабочување на соработката со Република Словенија во повеќе области, за подобра и поефикасна искористеност на парите од европските фондови, за поедноставени процедури во подготовка на проектна документација, како и за можностите за ефикасно користење на евтини кредитни линии од повеќе меѓународни финансиски институции.

Премиерот Заев посочи дека Република Словенија е една од земјите пријатели на Република Македонија, и поддршката што ја добиваме од Словенија во интеграциските и реформските процеси, премиерот ја оцени како исклучително важна.