28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со премиерот на Холандија Руте

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на Самитот на ЕУ за Западен Балкан денеска оствари средба со Премиерот на Кралството Холандија Марк Руте.

Во придружба на Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија за европски прашања Бујар Османи и Министерот за надворешни работи Никола Димитров, премиерот Заев на средбата изрази големо задоволство од билатералните односи меѓу двете земји кои оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи.

Добрите односи меѓу Република Македонија и Кралството Холандија, констатираа двајцата премиери, е крунисано со исклучително позитивни искуства во сферата на политичката и културната соработка, посебно во туризмот, како и во економските врски меѓу двете земји.

Кралството Холандија е силен поддржувач на обновата на политичкиот систем и институциите после политичката криза во Република Македонија и останува со силна поддршка во креирањето на слободно функционално општество и пазарна економија.

Премиерот Заев го информираше својот колега, премиерот Руте, за актуелниот политички момент во Република Македонија, и истакна дека владата останува максимално посветена на континуитетот во реформите, кои после неусловената препорака за старт на преговори со ЕУ од страна на Европската Комисија, добија нова движечка сила во спроведувањето и во утврдувањето на приоритетите.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев на средбата го запозна холандскиот премиер со последниот развој во разговорите со Република Грција за прашањето на името и информираше дека двете страни се целосно посветени на успешен исход во интерес на двете земји.

Максималните напори на двете страни во преговорите се од особено значење и заради фактот што Република Македонија нема алтернатива во аспирациите за членство во ЕУ и НАТО и взаемната поддршка во изнаоѓањето заеднички прифатливо решение ќе го поттикне процесот до неговата цел

На средбата е истакнато дека поддршката на земјите членки на ЕУ во решавањето на ова прашање, како и во охрабрувањето на реформските процеси соодветни на стандардите на ЕУ, е од исклучително значење за Република Македонија, но и за ЕУ заради интеграцијата на регионот и стабилноста на Западен Балкан.