28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со претставници на ССМ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска, се сретна со делегација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) претставници на синдикатите, членки на ССМ, предводена од претседателот Дарко Димовски.

Учесниците на состанокот го поздравија напредокот на социјалниот дијалог, меѓу синдикатите, работодавачите и Владата како движечка сила за зголемување на економскиот просперитет и заклучија дека е потребно понатамошно унапредување.

Премиерот Заев истакна дека Владата на Северна Македонија останува цврсто на определбите да биде партнер во социјалниот дијалог, давајќи значаен придонес за унапредување на правата на работниците во соработка и партнерски однос со синдикатите и работодавачите.

Во рамките на состанокот се отвори дебата за состојбите со кои се соочуваат синдикатите и беше истакната поддршката на државата за Општите колективни договори за стопанството.

Се разговараше за потребата од исплата на регрес за годишен одмор и за јавната администрација, како и за покачување на платите на работниците.

Истакнувајќи ја улогата на синдикатите како будно око за правата на работниците, премиерот Заев подвлече дека Владата работи на мерките за обезбедување поголема сигурност и подобрувањето на животниот стандард на работниците, како партнер во социјалниот дијалог заедно со Синдикатот и работодавачите.

Позитивно беше оценет напорот на ССМ да се вклучи во процесот, со свои сугестии за прашањата од сферата на трудот и од нивна страна беше поздравено претходното зголемување на платите на вработените во здравството и културата.