Премиерот Заев на средба со в.д. градоначалникот на Охрид, Георгиески и граѓанското здружение „Совест“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со в.д. градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески и в.д. директорката на НУ Завод и музеј, Охрид Елеонора Новаковска со претставници и претседателот на граѓанското здружението „Совест“, Михаил Трендафилов.

На средбата се разговараше за наследените проблеми за спорната градба без соодветна документација на дел од религиозен објект во центарот на градот и за изнаоѓање на решенија согласно закон, а се разговараше и за аспектите за заштита на културното наследство во градот Охрид кое е од заедничко значење за сите граѓани на Република Северна Македонија.

Премиерот Заев посочи дека институциите ќе постапат согласно законите на Република Северна Македонија и дека преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја во предвид сензитивноста на прашањето, ќе се изнајдат решенија во интерес на граѓаните на градот Охрид и на државата која останува посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид.