28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со Здружението на млади европски федералисти – Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска прими делегација на Здружението Млади европски федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија).

Претставниците на здружението, го информираа Премиерот за Федералното собрание на млади европски федералисти кое ќе се одржи во Македонија од 23-25 март годинава, и го поканија да земе учество со свое обраќање, а од Владата побараа да биде покровител на настанот.

Вакво собрание за прв пат се одржува во Република Македонија, а на него ќе земат учество повеќе од 40 организации на млади европски федералисти од цела Европа, а на него ќе се дискутираат политики и резолуции кои се однесуваат на ниво на цела Европа.

Одговарајќи позитивно на поканата, Премиерот потенцираше дека чест е да се биде домаќин на таква организација, и истакна дека се надева и на поинтензивна соработка во иднина затоа што, како што рече тој „многу често имате повеќе капацитет од многу политички субјекти во придонесот кон реформските процеси кои треба да не приближат кон Европската Унија“.

Членовите на ЏЕФ Македонија, во оваа прилика, поздравувајќи ги заложбите за евроинтеграцијата на земјава, го запознаа премиерот детално за концептот на нивната организација и системот на вмрежување во рамките на европската мрежа на млади федералисти.

Во текот на средбата, претставниците на „ЏЕФ Македонија“, ги истакнаа своите намери за континуирана и стратешка соработка со владата во градењето на граѓанскиот концепт на нашето општество.