29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев оствари средба со делегација од иницијативата „Спортски игри за млади“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, оствари средба со делегација од регионалната невладина иницијатива „Спортски игри за млади“, во состав: Ивана Јованова – претседател, Здравко Мариќ – претседател на организацискиот комитет и Тихомир Гудиќ – извршен директор.

На средбата, гостите презентирајќи го развојот на иницијативата, преку успешните примери од изминатите 21 година постоење, како и плановите за развој и вклучување на нови земји во понатамошното организирање на овој спортски настан, упатија отворена покана, од годинава и Македонија да земе учество како во натпреварите во повеќе спортови, така и во логистиката на организирањето на спортските игри за млади.

Премиерот Заев, ја поздрави иницијативата, и пројави интерес дел од оваа спортска иницијатива во блиска иднина да биде и Република Македонија.

Тој исто така истакна дека, според презентираното од гостите, бенефитите се поголеми отколку само промоција на спортот и дека тоа е цел концепт од европски вредности кој ги учи младите да создаваат нови мрежи на познанства и контакти со своите врсници од регионот, ги воспитува во духот на здравите спортски навики и прифаќање на различностите, толеранцијата, како и начин на воспитување во духот на конкуренцијата, фер-плејот, натпреварувачкиот дух и тимската работа, што се во основа и вредностите на кои почива европската култура.

Иницијативата „Спортски игри за млади“ е поддржана од голем број лидери и влади на држави членки на Европската Унија, а во своето 21 годишно постоење учество зеле повеќе од еден милион деца и младинци од целиот регионот.