29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев оствари средба со делегација од Република Хрватска

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, денеска оствари средба со делегација од Република Хрватска, предводена од амбасадорката Данијела Баришиќ, државниот секретар за Хрватите надвор од Хрватска, Звонко Милас, и советникот Милан Бошњак.

Тие, како претставници на Владата на Република Хрватска, денеска ќе учествуваат на третиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија за спроведување на Спогодбата за заштита на македонското малцинство во Република Хрватска и хрватското малцинство во Република Македонија.

Изразувајќи поддршка за вчера потпишаниот договор со Република Грција, делегацијата истакна дека Владата на Република Македонија и граѓаните имаат пријателски подадена рака од Република Хрватска за поскоро и успешно интегрирање на државата во Европската Унија.

Премиерот Заев и делегацијата, во текот на средбата разговараа за подобрување на состојбите и регулирањето на статусот на македонската задница во Хрватска и на хрватската заедница во Македонија, истакнувајќи дека грижата за малцинските заедници во двете држави е одраз на исклучителното пријателство меѓу овие две земји.

„Поврзувањето на нашите заедници кои живеат надвор од државата со својата татковина е од исклучителна важност за нас. Да знаат дека вратите на татковината им се секогаш отворени, за образование, за инвестиции, за живот“, рече премиерот Заев на средбата.

Тој, исто така ја потенцираше политичката волја на Владата, за исполнување на обврските кон хрватската заедница во Македонија дополнувајќи дека: „интегрираните заедници се придобивка за секое општество“, и изрази благодарност за грижата на Република Хрватска за македонската заедница во таа земја.

Министерот Едмонд Адеми, на средбата истакна дека после 8 години конечно се реализира оваа трета средба од мешовитата Меѓувладина комисија, на која донесените заклучоци од состанокот, со помош на останатите надлежни институции, ќе ги имплементира во насока на унапредување на правата и условите за живот на хрватската заедница во Република Македонија.