Премиерот Заев по лидерската средба: Му даваме шанса на дијалогот, компромиси нема за стратешките цели на РМ, амнестија нема

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев веднаш после лидерската средба која што се одржа денеска, имаше изјава за медиумите што ви ја пренесуваме во целост:

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани претставници на медиумите,

Траеја долго разговорите. Разговаравме за повеќе суштински прашања, сето тоа поврзано со процесот пред кој што е исправена нашата земја, согласно претстојниот референдум, а согласно и претстојниот избор на Државната изборна комисија (ДИК).

Како што разбравте од претходните учесници на разговорите, продолжуваат разговорите со опозицијата. Најверојатно во недела навечер или во понеделник наутро. Штом тоа ќе го договориме, преку вас медиумите ќе ги информираме и граѓаните.

Тоа што сакам да го кажам, а истовремено уште една да потсетам, е дека стратешки цели на нашата Република Македонија, и на сите парламентарни партии во Собранието на Република Македонија, се полноправното членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

Компромиси нема за стратешките цели на Република Македонија.

Амнестија, директна или индиректна нема. Ќе му дадеме шанса на дијалогот и на разговорот сè додека тоа е возможно.

Секако, при тоа Парламентот продолжува да работи, и разгледувањето на измените и дополнувањата на изборниот законик, продолжува во комисиите на Парламентот.

Напоменувам, очекувам на лидерска средба да се договори и имплементацијата на ДИК.

Тоа е моето очекување. Тоа е очекување и на парламентарното мнозинство.