25/04/2024
Македонија

Премиерот Заев прими делегација на Конгресот на САД

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска прими во посета делегација на конгресмени на Соединетите американски држави, предводени од нивниот колега Бил Флорес.

На средбата на која присуствуваа и Заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, и советниците во Кабинетот на премиерот Зоран Верушевски, Митко Андреевски и Бојан Маричиќ, конгресмените на САД изразија голема благодарност за можноста да се сретнат со премиерот и со претставници на Владата, го честитаа постигнувањето на договорот со Грција, и оддадоа признание за досегашните реформски процеси.

Претседателот на Владата Зоран Заев ги информираше американските конгресмени за околностите во кои беше постигнат договорот со Република Грција, придобивките од него, како и за подготовките за претстојниот референдум и за кампањата што му претходи.

Во контекст на договорот со Грција, премиерот Заев нагласи дека освен неговото постигнување во насока на решавање на тридеценискиот спор за името којшто ги блокираше евро-атлантските аспирации на земјата, Република Македонија се стекна со нов силен пријател и поддржувач, членка на ЕУ, Република Грција, а двете земји му покажаа на регионот и на светот дека со добра волја и подготвеност не постои нерешливо прашање.

Со овој договор, како и со договорот со Република Бугарија, и со реафирмација на односите со сите свои други соседи, како и со другите земји од регионот, Република Македонија, од генератор на кризи стана фактор на стабилизација и промотор на конструктивна соработка која го сврте вниманието на Европската Унија и САД во регионот, и даде нов импулс во зацврстувањето на јасната насока кон која се движат земјите од Западен Балкан – членство кон ЕУ и НАТО.

Конгресменот Бил Флорес и другите конгресмени на средбата покажаа интерес и за други прашања од стратешко-безбедносен карактер, ја истакнаа улогата и учеството на Република Македонија во заедничките мировни мисии со САД во Авганистан и во Ирак, како активности кои ја приближуваат земјава до полноправното членство во ЕУ и НАТО, и го потврдува стратешкото партнерство со САД.