28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев: Во Собранието на РМ, разговаравме за донесувањето на реформските закони

На прес-конференцијата на Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и претставници на земјоделците, по повод конститутивната седница на Агро Советот, беа поставени серија прашања на актуелни политички теми:

Прашање: Кои се двете излезни решенија во Врска со Законот за јазици, кои што ги спомна спикерот Џафери и кога очекувате ова прашање да биде завршено, во смисла на тоа да биде објавен законот во Службен весник?

Премиерот Заев: Јас го кажав, едното е веројатно пред Уставниот суд, второто е нешто што го разработуваат правните тимови во Собранието и во други институции кои работат на тоа. Целта е, кога Парламентот носи одлука, одлуките да го видат светлото на денот. Уште еднаш, сакам навистина да апелирам, да го пуштиме законот да живее, за да видат сите, дека нема ништо страшно во него. За да видат, дека конечно сме растеретени сите, од било какви предрасуди и конечно овозможеното, досега неовозможеното право, ќе овозможи севкупно растеретување на граѓаните. Сите заедно, унисоно да се насочиме кон она што е важно за сите. А тоа е, земјоделие, здравство, економија, инфраструктура, образование, она што допира до сите. Блокирањето на законот, за мене е исклучително, единствено, само значи дека некој се плаши од тоа овој закон да заживее. Кога ќе заживее, ќе видат сите, дека сите стравови, со кои се плашеа граѓаните, всушност биле лаги. Само тоа е. Ако, тие мои зборови, за некого значат предизвик, нека повели, нека го пушти законот, нека го потпише, тука мислам на Претседателот на државата. И да ја тргнеме дебатата од ова прашање, нека заживее законот, за конечно да можеме сите растеретени да покажеме колку си ја сакаме државата и колку сите заедно сме фокусирани на она што значи живот за сите граѓани.

Прашање: Господине Заев, вчера бевте во Собранието и се задржавте малку подолго, после седницата. Бевме сведоци, таму беше и господинот Ахмети. Имавте ли средба, имајќи предвид дека ја најавивте претходно и за што разговаравте? Кои се отворените прашања во Владината коалиција? Дали разговаравте за проширување на коалицијата, со господинот Ахмети?

Премиерот Заев: Јас, кога ги соопштив ставовите, ние имавме минимум взаемен впечаток, односно согласност дека треба да размислуваме за проширување на коалицијата. Прво, искористив прилика да информирам, за најновите моменти околу разговорите, коишто се случуваат со Грција, за проблемот којшто Грција го има со нашето уставно име, нашите очекувања за она што денеска треба да се случи во Виена. Разговаравме за реформските процеси. Моравме да го споделиме со претседателот на ДУИ она што го мислат институциите, заради тоа што таму има 10 пратеници, од коишто очекуваме апсолутна поддршка на она што значи реформски закони. Разговаравме за проширувањето на коалицијата. Сакаме да го зголемиме и да го направиме постабилно, парламентарното мнозинство, заради тоа што во Република Македонија сега следуваат сериозни одлуки, пред сè мислам на реформите, но искрено се надевам и на решение на проблемот со Грција, интеграциските процеси, отворени фондови, датум за преговори. Поканата во НАТО.

Сето тоа се наши амбиции, кон кои што работиме, а за тоа е добредојдено да има постабилно парламентарно мнозинство. Секако сме согласни, не под било кои услови, апсолутно, ако веруваме во таа агенда, во таа програма, тогаш е отворено, како што реков да разговараме со политички партии, со поединци, со пратеници во Парламентот.

Поголем дел од времето поминав во Кабинетот на Претседателот на Собранието, господинот Талат Џафери, заради тоа што сакав заедно да ја споделиме агендата за реформските закони. Ние, сакаме до 15 април, односно два дена до објавувањето на Извештајот, кој ќе се објави на 17 април, дел од законите коишто се усогласени преку дијалогот, коишто се чисти, поминати преку експертизата, да можат да бидат донесени во Собранието.

Така да, договоривме генерално, не подоцна од 10 април, на таа седница којашто следува ќе биде и Законот за следење на комуникациите, ќе биде Законот за заштитените сведоци, Законот за судовите, Законот за Судскиот совет, овде се опфатени и другите закони коишто се усогласени, промената на ДИК, заради тоа што треба да биде формирана Комисијата и другите закони од делот 3-6-9.

Сакаме, заклучно со поднесувањето на Извештајот, односно со 17 април, да бидат сите овие закони, ако е возможно, да бидат донесени во Парламентот, за да Македонија фер и демократски биде поставена пред Европската Унија, а веруваме и дека после 17 април ќе имаме и важни посети од претставници на Европската Комисија. Ја очекуваме Високата претставничка Могерини, комесарот Хан, да ја посетат Македонија, заради убави работи, за граѓаните и за нашата земја.

Прашање: Господине Заев, рускиот Амбасадор Олег Шчербак, вчера испрати сериозни пораки упатени кон аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО. Тој вели, дека при евентуален воен судир меѓу НАТО и Русија, доколку Македонија е членка на Алијансата, земјата ќе стане легитимна цел на Руската федерација. Би сакал, еден Ваш коментар по однос на оваа изјава на рускиот Амбасадор во Македонија. Дали, од него ќе се бара каква одговорност за ваквите остри критики, упатени кон РМ?

Одговор Премиерот Заев: Јас, се надевам, дека заедно сите ќе бидеме фокусирани на градење на пријателство, не на кавги. Виенската конвенција е многу значајна, многу прецизна и јасна и Законите во РМ се исто така јасни. Ние, само постапивме согласно Законите и Виенската конвенција. Иако, неколку пати беше укажувано, дека не треба да се претерува и не треба да се прави тоа што со закон и со Виенската конвенција не е дозволено. Тоа, што го направивме е нешто што меѓународната пракса го познава.

Секако, очекуваме тоа било кој да го направи спрема наш претставник во други земји, ако не ги почитува домашните закони и меѓународните правила. Во тоа име, само уште еднаш да кажам, Република Македонија има стратешки цели. Тоа е, полноправно членство во НАТО и во Европската унија. Ние, не бараме членство во НАТО за некого да напаѓаме. Ние, бараме заедно со НАТО-земјите да се грижиме за мирот во светот. Ние бараме членство, заради вредностите на НАТО, а тоа е владеењето на правото, апсолутно вредностите коишто значат високи човекови права, слобода на говор. Тоа се вредностите и на НАТО и на ЕУ, и тоа се причините зошто граѓаните над 75 проценти, се ориентирани натаму.

Остануваме, на нашата длабока желба, да ја унапредиме соработката и односите со Руската Федерација и можеме да имаме бенефит двете земји. Граѓаните, овде се во доминантно мнозинство православно население, рускиот народ е православен, имаме поврзаност. Не сакаме кавги, не сакаме ова да биде сфатено како било каква провокација или кавги. Односно, ја користам приликата, да испратам позитивни зборови, зборови на пријателство, заради тоа што ние сме мала земја и можеме да опстоиме само со пријатели.

Прашање: Поминаа три месеци, откога Алијансата на Албанците излезе од Владата и уште не им се одобрени оставките. Кога и дали ќе им бидат одобрени оставките?

Одговор Премиерот Заев: На еден дел се одобрени оставките, прифатени се. За Замениците-министри не, заради тоа што сè уште немаме номинирано нови. После овие преговори што ги правиме за проширување за проширување на парламентарното мнозинство и коалицијата, ќе бидат предложени нови кадри, а согласно тоа ќе бидат и констатирани оставките во Собранието. Не брзаме, заради тоа што заменикот-министер го заменува министерот кога е отсутен, кога не може да ги извршува своите дејности, тие не кочат ништо.

Јас, сум убеден дека до кај 10-ти или средината на април ќе бидеме комплетирани и во делот на заменичките места и во делот на државните секретари, но и во делот на неколку државни институции, јавни претпријатија кои се уште не се пополнети.