20/04/2024
Македонија

Премиерот Заев: За одлуките се водиме од интересот на државата, потребен е вистински претседател на сите граѓани

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска по посетата на Клиниката за неврологија, во рамки на комплексот на клиники „Мајка Тереза“, во Скопје одговараше на новинарски прашања, кои Ви ги пренесуваме во целост:

Може ли да го искоментирате потегот на Алијансата, каде на нејзината веб страна наместо македонскиот јазик стоеше знаменце? Имајќи го предвид фактот дека лани во јули, кога имаше напишано македонски јазик, Социјалдемократскиот сојуз го поздрави ова и го оцени како признавање на македонскиот јазик и идентитет.

Одговор на Премиерот Заев: Добро, меѓународните институции го признаваат македонскиот јазик и идентитет и верувам дека со дописот кој што го испративме ќе го коригираат тоа. Некој пат се случуваат грешки. Веројатно и во делот на формулацијата, за сите е новина и за меѓународната заедница исто така е новина, сето тоа што се случува во делот на Северна Македонија и новото име на нашата земја, кое што се надевам ќе биде во функција по гласањето во грчкиот Парламент, затоа што, самото користење и на новото име е различно од идентитетските прашања кај нас, како што сме Македонци, кои што зборуваме македонски јазик, а ќе бидеме од Северна Македонија. Треба јасно да се разграничи. Постојат веќе формулирани, готови протоколи како тоа се објаснува на сите, за да можат меѓународните организации да бидат свесни. Знаете дека и писмо треба да испрати нашата земја, до сите 193 земји-членки на Обединетите нации, веднаш по Ратификацијата на Протоколот. А и во тоа писмо ќе бидат објаснети сите аспекти на употребата на новото име.

Дали Вие лично сте за предвремени Парламентарни избори? И дали сметате дека битката на претседателските избори ќе се води помеѓу две дами, Силјановска и Шекеринска?

Одговор на Премиерот Заев: Благодарам. Важна тема, секако. Се доближуваме до датумите кога мојата политичка партија која што ја водам треба да формулира свој став. Знаете, дека дилемата е помеѓу двете опции. А тоа е, дали, примамливоста за нас политичарите, за еден цел, нов мандат, за да можеме да испорачаме економски ефекти, ефекти на реформи, подобрување на севкупниот живот е доволно привлечна и ќе се определиме за тоа или, онаа определба каде што, според мене, превагнува интересот на државата, наспроти политичарите и политичките партии, а тоа е, да не дадеме никаков изговор на земјите-членки, кој што, дел од нив се, еве, генерално против проширувањето. А Македонија, чека позитивна одлука на Самитот на Европската Унија во јуни, каде што, јас верувам дека Комисијата, која што е на крајот на својот мандат, сака да остави свое наследство, свое „legacy“. Македонија блеска, во делот на политичкото решавање на билатералните отворени прашања. Ние сме пример и за Европа и за целиот свет. Во делот на реформите, сме комплетно успешни. Верувам дека Парламентот низ дијалог, ќе продолжи така консензуално да ги носи своите одлуки, како што впрочем се завршува и процесот на изборот на Антикорупциската комисија, каде што се гласаше консензуално. Судските реформи во февруари, верувам дека Парламентот ќе смогне сили да ги донесе, се надевам со консензус, заради тоа што се посветува многу време на дијалогот, новиот Закон е при крај, за делот на реформите во УБК (Управа за безбедност и контраразузнавање), реформите во администрацијата течат, ние имаме успешен процес на реформи. Се надевам, заради граѓаните, не заради Европската Унија, имплементацијата исто така, ќе биде многу видлива, до 22, до 26 јуни кога треба да се одржи Самитот на Советот на Европа и да се донесе позитивната одлука за Македонија. А, истовремено пак, земјите-членки ќе бидат со завршени избори за Европскиот Парламент, поприлично релаксирани и очекувам позитивни во тој дел, за да можеме навистина да се надеваме на добивање на датум за преговори, односно отворање на Поглавјата. Ние, го добивме датумот, со проекција, јуни 2019-та, но одлуката за отворање на Поглавјата, верувам дека точно ќе биде донесена. Таа е таа причина, која што превагнува во одговорноста на носењето на одлуките. Демократската дебата е развиена, ама ако претседателот на својата партија каже свој став, ќе ја „утапи“ дебатата внатре. Јас, ги кажувам аргументите реално, кој се што се, верувам ќе им помогнам на сите, кои што се во процесот на одлучување. Но, овие денови разговараме со коалиционите партнери, разговараме со политички партии надвор од Коалицијата, политички партии кои што не се парламентарни, многу значајни здруженија на граѓани, се консултираме со граѓаните, правиме анкети и анализи. Јас, сакам да ја потенцирам потребата од свесност на нашето општество, изразена преку политичките партии и да ги повикам сите, да направиме една заедничка одговорна анализа и да пронајдеме личност или личности, зад кои што би можеле да застанеме ние како политичари, нашите политички партии, заради тоа што граѓаните застануваат, токму поради нив…Ако најдеме личности, зад кои што граѓаните доминантно застануваат, тоа би бил некој вистински консензуален кандидат, кој што ќе ги имплементира политиките на ова модерно живеење, на 21-от век, со прогресот и просперитетот кој што Македонија го има и дополнително го очекува. Тогаш, е вредно да направиме напори, да дадеме шанса, да изнајдеме таква личност. Ги повикувам и ДУИ, ги повикувам и БЕСА на Африм Гаши, БЕСА на Билал Касами, Алијансата, на турските партии, сите други помали партии, да смогнеме сили. На локалните избори направивме квантен скок , граѓаните гласаа за личност, за граѓани. Не Албанци за Албанци, Македонци за Македонци, Турци за Турци. Не, гласавме за личност. Можеме да направиме уште еден скок. Ако изнајдеме квалитетни решенија, секако вреди тоа да го направиме. Можеби ќе успееме, можеби не, но, вредно е да дадеме шанса. Уште еднаш напоменувам. До 21-ви март се поднесуваат кандидатурите, имаме доволно време за внимателно реализирање. Нашиот Конгрес е закажан на 3-ти март, како една од најголемите политички партии. Гледам и опозицијата кон крајот на февруари организира Конгрес и носење на одлука, така да треба да посветиме сите достоинствено внимание, да изнајдеме, да изнедриме, вистински личности, заради тоа што претседателот на државата е првата личност во нашата земја и многу е важна оваа функција во Република Македонија.

Премиере, како ќе се изведе тоа? Господинот Ахмети изјави дека нема да подржи кандидат што ќе излезе од Конгресот на Вашата партија.

Одговор на Премиерот Заев: Заедно ќе го бараме. Не мораме да чекаме Конгрес некоја партија да дефинира. Заради тоа што, ако било која партија дефинира, тогаш ќе ги приклонува другите партии да следат. Тоа не е консензуално барање. Консензуално барање е ако организираме од нашите политички партии, платиме експерти, а имаме сега повеќе пари од Буџетот, да ни направат добри анализи и да изнајдеме кандидати, растеретени. Не зборуваме за пратеник, за премиер, за градоначалник, за министер, за директор. Зборуваме за претседател на државата. Тука, е одговорноста и на сите нас, како политичари, како политички партии. Низ една заедничка анализа можеме да изнајдеме вистински личности, или да застанеме зад една личност сите. И јас…Убаво ми звучи, дами ако бидат, убаво е. Може да бидат навистина, за мене, граѓани без разлика на која етничка припадност, без разлика на кој пол припаѓаат, без разлика и од која социјална сфера на општеството доаѓаат, да бидат нешто прифатливо за граѓаните. Затоа што, еве како претседател соработувам со претседателот, знаете дека имаме кохабитација, не е тоа лесно. Многу е важно да имаме претседател на државата кој што навистина ќе води грижа за сите граѓани и ќе води грижа за татковината, за важните политики.

Дали Вие се гледате како консензуален кандидат?

Одговор на Премиерот Заев: Јас би бил добар консензуален кандидат, гледајќи ги анкетите и рејтинзите, посебно мултиетнички гледано, но знаете дека јас не сум кандидат, заради тоа што одговорноста ја чувствувам во она што се вели, да се сработи тоа што е ветено на граѓаните. Верувам, дека по групни и тешки, односно ни малку лесни одлуки, кои што се донесоа, добиваме „убав ветар во грб“. Треба да сработиме. И се сметам за поприлично млад.

Господине Заев, колку ќе ја чини државата воведувањето на заменици директори во Јавните претпријатија и дали и колку ова беше неопходна работна позиција?

Одговор на Премиерот Заев: Во некои од институциите од таму произлезе и … потребата е неопходна. Затоа ги скративме, мислам дека се 12, од сите институции, околу 1.800, зборуваме за дванаесет. Ако сакаме „МЕР“ да се развива, да се споиме со „ГАМА“, да ја разгранува гасоводната мрежа по сите градови, барем во урбаните средини, затоа што се гради националниот гасовод. Веќе почнуваме со изведба на секундарните гасоводни мрежи и во самите градови, во Скопје и во сите градови на Македонија и те како има потреба за менаџмент соодветен со сериозна одговорност. Согледавме дека во некои институции, каде што вистински постои таа потреба, а ја немаа, ефикасноста е помала. Некаде каде што ја има ја има. Тоа не значи дека треба да се претера, да се бираат директорски позиции, заменички, само за да постојат, Ние, ветивме дека ќе имаме рационализација на средствата, за да можат квалитативно поголем број да бидат насочени кон враќање кон граѓаните, кон капитални инвестиции и во тој правец ќе се движиме. 

Колку ќе ја чини тоа државата, имате проценка? 

Одговор на Премиерот Заев: Дванаесет плати се тие, значи дванаесет плати на администрација од над 120.000 или 140.000 со општините како е дефинирана, навистина се мал број на плати. Ако, тие ја дадат својата ефикасност, нивните плати ќе бидат во стотици пати повеќе оправдани. 

Премиере, Вие промовирате граѓанска политика. Со тоа што ја отстранивте и оградата (околу Владата н.з.) докажавте дека нема од кого да се браните. Но, дали ќе се намали бројот на автомобилите на Владата и до кога ќе се блокираат улиците кога патува некој политичар?

Одговор на Премиерот Заев: Добро, јас инаку сум многу едноставен човек, се движам секаде, но сум и човек, кој што ги почитува законите и протоколите, заради тоа што и службениците од МВР треба да си ја завршат својата работа, односно тие се одговорни ако нешто се случи со позицијата претседател, премиер, министер за внатрешни работи, министер за одбрана, кои што имаат и специјални протоколи утврдени со Устав и со Закон. Сакаме сите да бидеме многу едноставни и се надевам се повеќе спокојно време ќе имаме, каде што и самите служби ќе бидат растоварени за и нас политичарите не остават едноставно да бидеме низ граѓаните. Јас генерално се движам со нај минимално обезбедување. Моето обезбедување во споредба со порано е преполовено. Но, веројатно и не смеам повеќе заради тоа што има стручни луѓе, кои што кажуваат што е безбедноста, како таа треба да се обезбеди, затоа што некои луѓе одговараат и кривично, ако тоа не го завршат согласно законите. Оградата е отворена, симболот е испратен, дека е слобода, демократија, граѓаните можат да пристапат буквално до Владата. Зошто сега е отворена? Затоа што досега донесовме одлуки, правевме анализа што значи симнувањето на фасадата од Владата. Таа чини, за жал 50 проценти од тоа што ќе потрошиме за изградба. Немаме такви пари. Но, можеме тоа да го направиме. За тоа што го направивме со оградата, не потрошивме ниту еден денар. Тоа го направија нашите служби, кои што се платени од државата и верувам дека оградата соодветно ќе се употреби. Симболиката на отворена Влада веќе ја постигаме, граѓаните можат слободно да уживаат и во содржините на паркот на Владата и сето она што го има. Пристапот до споменикот е важна, симболика која што е отворена, а верувам дека во скоро време ќе може да пристапат во еден нов амбиент каде што ќе има и знаме на НАТО.