19/04/2024
Македонија

Преподобен Наум Охридски Чудотворец

Денес е празник посветен на Преподобен Наум Охридски Чудотворец.

Ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека Свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, дотогаш Свети Наум основаше манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на Свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу Свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за време на животот и после смртта.

Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век.

По повод празникот верници од вчера го посетуваат манастирот Св. Наум, палат свеќи за здравје и среќа и се поклонуваат пред моштите на Св. Наум.

Денес, во 07.30 часот ќе започне Утрената богослужба, а пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски, како и на Митрополитот Европски г. Пимен, ќе биде во 08.45 часот. Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09.00 часот. 

Од дебарско-кичевската епархија претходно информираа дека поради настанатата состојба со корона вирусот КОВИД-19, верниците кои ќе одат да го посетат манастирот ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание.

За многу години!