16/04/2024
Македонија

Прес-конференција на министерот за надворешни работи на РМ, Никола Димитров

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес, во медиа-центарот на Владата на Република Македонија, одржа прес-конференција со цел детално информирање на јавноста за клучните елементи од Конечната спогодба со Грција зашто, како што истакна МНР Димитров „многу е важно, при одлучувањето, секој од нас да ги знае сите клучни елементи од Спогодбата“.

Министерот Димитров во својот говор се осврна на следните членови од Конечната спогодба со Грција:

Член 1 став 3(а): Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија”.
Член 1 став 3(б): Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.

Член 1 став 3(в): Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик”, како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977г.и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба.

Член 1 став 3(г): Термините „Македонија” и „македонски” го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба.

Член 1 став 3(д): Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биди НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).

Член 2 став 4 б(ii): Првата страна ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Втората страна во НАТО. Оваа постапка за ратификација ќе се заврши заедно со постапката за ратификација на оваа спогодба.

Член 7 став 1: Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

Член 7, став 3: Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивите одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

Член 7, став 5: Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни.

Транскрипт од целосниот говор: http://vlada.mk/node/15743