29/03/2024
Спорт

Прес-конференција по повод златниот медал на Емил Павлов на Европското првенство во Нови Сад

Денес се одржа заедничка прес-конференција на Карате федерацијата на Македонија со Агенцијата на млади и спорт и Македонскиот олимипски комитет по повод големиот успех на Емил Павлов, кој го освои златниот медал на ЕП во Нови Сад. На прес-конференцијата присутни беа освојувачот на златен медал Емил Павлов, 5-то пласираната Ангела Мојсовска, претседателот на Карате федерацијата на Македонија Драган Стојановски, претседателот на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски. Од стручните лица присуствуваа и тренерите на државните репрезентации, за борби Сашко Арсовскии и за кати Стојан Андриевски, спортистот на 20-от век на Македонија Шабан Трстена и деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје проф. д-р Ленче Алексовска Величковска.

Претседателот на МОК, д-р. Васил Тупурковски му честиташе од се срце на Павлов за златниот медал и напомена дека прв пат после ЛОИ во Сиднеј 2000 година и бронзениот медал на Могамед Ибрагимов во борење, Македонија за прв пат има спортист кој може со норма да се пласира на најголемиот спортски настан.

Директорот на Агенцијата за Млади и спорт Дарко Каевски им го честиташе успехот на Павлов и Мојсовска и уште еднаш додаде дека каратето во моменто е најуспешниот спорт во Македонија и единствен спорт кој во континуитет од сите големи натпреварувања се враќа со медал.

Претседателот на Карате федерацијата на Македонија Драган Стојановски се заблагодари на Агенцијата за млади и спорт и МОК за подршката која ја добива каратето, а како доказ се и четиритеолимписки стипендии кои ги добија каратистие на Македонија. Стојановски се потсети на првиот пат кога се сретнал со Павлов и неговиот шампионски менталитет кој го имал уште на стартот на неговата кариера.

Европскиот шампион Емил Павлов изјави дека и покрај притисокот што го имал пред финалната борба, верувал во себе дека може да дојде до златниот медал. Најголема негова цел во наредниот период е освојување на медал на Светското првенство и обезбедување норма за пласман на Летните олимписки игри 2020 во Токио.

Тренерот на државната репрезентација на Македонија во борби Сашко Арсовски им се заблагодари на претседателот на КФМ Драган Стојановски, на Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет за безрезервната подршка која ја даваат на карате репрезентативците на Македонија, но и на Емил Павлов кој на најубав начин му го честитал роденденот со освојувањето златен медал.

Петтопласираната во категоријата до 68кг. во женска конкуренција Ангела Мојсовска, која беше дебитантка на овој шампионат, изјави дека 5. место за неа е како прво, бидејќи сите останати репрезентативци биле покрај неа и и давале безрезервна поддршка. Таа додаде дека репрезентацијата ја чувствува како своја втора фамилија и дека такво чувство може да добие само човек кој е спортист.

Свое излагање имаше и селекторот на државната репрезентација во кати, Стојан Андриевски кој изјави дека е задоволен од настапот на Пулексенија Јованоска и Ферри Исиќ и се надева на уште подобри резултати од овие натпреварувачи во наредниот период.

Спортистот на 20. век на Македонија, Шабан Трстена повторно даде огромно поддршка на каратистите на Македонија и самиот кажа дека лично очекува Олимписка норма од Емил Павлов и зошто да не и медал на Олимписките игри во Токио 2020. Трстена уште еднаш напомена дека тоа што беше борењето во Македонија во 20. век, во овој милениум тоа е каратето.

Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје проф. д-р Ленче Алексовска Величковска која исто така е и Психилог по физичко образовани и спорт, овој успех на каратистите на Македонија го чувствува и како свој, бидејќи и самата таа е дел од екипата која што работи со нашите каратисти на подготовка на психолошки план.

Наредни цели на КФМ се квалификациите за Младинските олимписки игри во Буенос Аирес, каде што имаме неколку кандидати кои можат да бидат дел од нив, како и Светското сениорско првенство кое ќе се одржи во Мадрид, Шпанија во месец ноември.