19/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во Скопје беше домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони.

На состанокот учествуваа претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Република Косово, г. Хашим Тачи, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Република Србија, г. Александар Вучиќ, претседателот на Република Хрватска, г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ.

Почесни гости на состанокот во Скопје беа претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск и претседателот на Владата на Република Бугарија, г. Бојко Борисов.

На прес-конференцијата по состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, претседателот Иванов порача дека врвни стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во ЕУ и оцени дека долго време политиката на проширувањето потфрлуваше во случајот со земјава, не поради принципите и критериумите на ЕУ, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.

– Како Претседател на Република Македонија ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција, изјави претседателот Иванов.

Додаде дека по самата своја природа, проширувањето е политичко, а не само техничко прашање.

– Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска кои со помош на Европската Унија, успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони, изјави претседателот Иванов.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск нагласи дека на регионот му се потребни повеќе позитивни примери, како Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, спогодбата меѓу Приштина и Црна Гора.

– Можеби, историјата на Балканот, која наликува на хорор филм, кој никогаш не завршува, сепак да има среќен крај. Она што се случи со Северна и Јужна Кореја покажува дека невозможното станува возможно, рече Туск.

Напомена дека за време на неговата турнеја низ Западен Балкан дал јасна порака дека земјите-членки на Унијата цврсто се залагаат за европската перспектива на регионот.

– Можете да сметаме на нас, тоа не се само празни зборови, тоа е факт, рече Туск.

Бугарскиот премиер Борисов изрази надеж дека Македонија и Грција брзо ќе го решат спорот околу името и оти за тоа сега постои историска можност. И тој направи паралела со Северна и Јужна Кореја, напоменувајќи дека кога овие две држави успеале да постигнат договор, земјите од регионот сигурно ќе можат да ги надминат разликите.

Хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ ја поздрави одлуката со која се препорачува почеток на преговори со Македонија и со Албанија и нагласи дека Загреб ќе стори се што е можно да се забрза овој процес за двете земји.

– Хрватска силно ја поддржува политиката на проширување, која е засновна врз принципот на сопствени заслуги, кој е втемелен на строги правила и вреднување, рече претседателката Грабар-Китаровиќ.

Словенечкиот претседател Пахор рече дека одлуката на ЕК повторно да ги поддржи реформите во земјите од регионот, со цел тие да станат дел од Унијата, е од големо значење.

– Врз основа на моите политички искуства јасно е дека Брисел не може да направи се доколку тоа не го направат и лидерите на државите. Убеден сум дека со добра политичка волја може да се решат сите проблеми и на иднината гледам со оптимизам, рече претедателот Пахор.

Лидерите во заклучоците, меѓудругото ги поздравија пораките и конкретните предлози од Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и потврдата за веродостојно проширување и зајакнување на ангажамнот на ЕУ со регионот. Особено го поздравија претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Софија, како конкретен израз на обновениот пристап на ЕУ кон регионот.

– Го охрабруваме решавањето на отворените прашања и спорови во духот на добрососедство и во согласност со меѓународното право, повикувајќи се на средствата за мирно решавање, пред се, на постојаните меѓународни судови и трибунали и арбитражата, порачаа лидерите.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје беше потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Западен Балкан.

Во рамки на Процесот Брдо-Бриони, за прв пат на иницијатива на Република Македонија, минатата недела се одржа состанок на директорите на Агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот, на кој се дискутираше за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка.

Состанокот на лидерите на Процесот Брдо – Бриони идната година ќе се одржи во Албанија.