28/03/2024
Македонија

Претседателот Иванов го прими претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Методија Колоски

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора од Вашингтон.

На средбата беа разменети мислења за влијанието на македонската дијаспора, начините и можностите за промовирање на македонските вредности и нивниот придонес за меѓународна афирмација на Република Македонија. Во таа насока, претседателот на Обединетата македонска дијаспора го запозна претседателот Иванов со нивните тековни и планирани активности, како и со предизвиците со кои се соочуваат.

Претседателот Иванов истакна дека како и досега и во иднина ќе ја поддржува македонската дијаспора, потенцирајќи дека секој нивни успех претставува успех за Република Македонија.

Македонскиот претседател повика на единство на претставниците на македонската дијаспора и на нивна натамошна активна вклученост и придонес во развивањето и унапредувањето на односите и соработката меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави.

„Со вашата искрена поддршка за Македонија, со негувањето на македонското име и идентитет, со промоцијата на нашата традиција, јазик и култура, вие давате пример кој треба да го следат оваа и наредните генерации Македонци од дијаспората“, порача македонскиот претседател на средбата со Колоски.

Двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните политички состојби во Република Македонија.