28/03/2024
Македонија

Претседателот на Словенија, Пахор: Да им дадеме предност на храбрите и зрели одлуки

„Во недела ќе одлучувате за вашата судбина и за судбината на вашите деца и внуци. Ќе одлучите според вашата совест, како што вие мислите дека е најдобро за вашата иднина и иднината на вашите деца“, порача претседателот на Словенија, Борут Пахор и изрази поддршка на Република Македонија за успешен референдум на 30-ти септември. 

„Како Ваш пријател, сакам да ви кажам, тоа е моја оцена дека за Македонија, за ЕУ, за Европа, за сите нас, а најмногу за вас, најдобро е да го поддржите Договорот и со тоа широко да ја отворите вратата за Европската унија и НАТО алијансата“, истакна во своето видео обраќање претседателот Пахор и додаде дека на овој свет ништо не е идеално, вклучувајќи го и овој Договор, затоа разбира дека има дискусии и мерења за тоа кој е право, а кој не. 

„Во Словенија исто така поминавме низ таква тешка одлука и се најдовме на историски важна раскрсница да им дадеме предност на храбрите одлуки, на зрелите одлуки. Одлуките со кои и отворивме врата на иднината, и нас не ни е жал за тоа. 

Верувам дека ќе сакате да донесете одлука со која на Македонија широко ќе и се отворат вратите кон иднината. Ние сме ви големи пријатели, навиваме за вас, се надеваме на најдоброто. 

Во недела ќе бидеме со вас, ќе ве носиме во мислите. Се најдобро, среќно Македонија!“, вели претседателот на Словенија, Борут Пахор во видео обраќањето за поддршка на претстојниот референдум.