29/03/2024
Македонија

Претставата „Царот Владислав“ во Центарот за култура во Струмица

Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица вечерва во 20 часот ќе биде изведена претставата „Царот Владислав“, на авторот Борис Јанков, а во режија на Бранко Ставрев…

Македонскиот еминентен режисер Ставрев ја изработи и сценографијата за претставата, а костимите се дело на Елена Дончева. Настапува бројна актерска екипа од Струмичкиот театар, меѓу кои и актерите Стојан Велков-Трн, Оливера Аризанова, Коста Ангов, Ангелина Тренчева Ангелова, Бранко Бенинов и други.

Во „Царот Владислав“, инспирацијата за личностите и настаните, авторот Борис Јанков ја наоѓа во средновековната историја. Ползувајќи ги искуствата на античката и на елизабетинската крвава драматургијa, тој се обидува на современата македонска драма да и’ додаде релевантни значења од кои може да се гради актуелен театар.

„Некој, некаде, некогаш беше изјавил дека историјата се повторува како фарса. Царот Владислав е повод уметнички да истражиме дали таа фамозна сентенца е жива вистина или мртва лага. Се’ започна од мислата за претстава врз урнатините на Цареви кули над Струмица за да заврши во Самоиловата тврдина во Охрид и во античките театри, во Хераклеја, Стоби и Скупи“ – нагласува по повод претставата режисерот Бранко Ставрев.