29/03/2024
Македонија

Претставници на МЗШВ одржаа состанок со Независниот синдикат на Шумската полиција

Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ги примија на состанок членовите на Независниот синдикат на Шумската полиција. МЗШВ изминатиот период одржаа неколку состаноци со Независниот синдикат на Шумската полиција, на кои што заеднички се усогласуваше текстот на Колективниот договор. Од МЗШВ имаше неколку предлози за измена на текстот, врз основа на кои Независниот синдикат треба да достави финална верзија и по завршување на конкурсот за патролен шумски полицаец кој е во тек, да се одржи нов состанок за дефинирање на конечниот текст.

Воедно, МЗШВ им укажа на претставниците од Независниот синдикат на Шумската полиција да востпостават комуникација со репрезентативниот Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), за да може да се потпише Колективниот договор. По усогласување на тестот на договорот, МЗШВ и репрезентативниот синдикат УПОЗ ќе го потпишат Колективниот договор.

Секторот Шумска полиција, во рамките на МЗШВ, извршува многу значајна задача во однос на спроведување на законската регулатива од областа на шумарството особено во однос на заштита на шумите и зачувување на природата, како и зголемување на придонесот на шумарскиот сектор во националната економија и руралниот развој преку одржливо стопанисување со шумите. МЗШВ континуирано работи на подобрување на условите за работа на шумските полицијаци. На последната седница, Владата донесе одлука за набавка на 400 униформи за овластените службени лица во Шумската полиција. Овие униформи, шумските полицајци ја добиваат после 11 години. Исто така, во следниот период шумските полициски станици ќе бидат опремени и со компјутерска опрема.