19/04/2024
Охрид

Презентирани новите седум специјални комунални возила

Пред дирекцијата на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ денеска беа презентирани новите седум специјални комунални возила кои Локалната самоуправа ги набави преку поволен кредит од Светска банка од кредитната линија NSIP 1, со вкупен износ од 451.700,оо евра.

„Денеска сме во ЈП „Охридски комуналец“ да ги презентираме седумте нови специјални комунални возила, кои Општина Охрид ги набави преку кредитна линија на Светска банка. Овие возила, со одлука на Советот на општина Охрид што ќе се донесе на следната седница ќе му бидат дадени на користење на ЈП „Охридски комуналец“. Преку истата кредитна линија, претходната локална власт набави пет нови комунални возила.Исплатата на кредитот започна во февруари 2018 година и тој процес ќе продолжи според динамиката предвидена со договорот со Светска банка. Со ваквите проекти Локалната самоуправа покажува дека работи во интерес на граѓаните и на јавните претпријатија. Ова е неопходна модернизација која е потребна да се извршуваат основните задачи на ЈП „Охридски комуналец“ кој со нив го зголемува својот капацитет. Ваквите инвестиции се надевам дека ќе продолжат и во иднина и ќе бидат пример за функционирање на Локалната самоуправа“. – рече в.д. градоначалникот Константин Георгиески.

Новите специјални комунални возила, заедно со претходно набавените, според директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Љупчо Грданоски, битно ќе ги подобри капацитетите на претпријатието и ќе ги намали високите трошоци за набавка на резервни делови за застарената механизација.

„Сакам да изразам благодарност до Локалната самоуправа и до прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски во чиј мандат започна целата оваа постапка. Тој ја увиде потребата од модернизација на возниот парк на ЈП „Охридски комуналец“, ја започна постапката, а ја заврши в.д. градоначалникот Константин Георгиески. Овие возила ќе дадат голем придонес во ефективноста на работењето на јавното претпријатие , а сигурно ќе намали голем дел од расходните ставки, бидејќи поради старата механизација големи трошоци имаше за набавка на резервни делови. Сметам дека возилата од 2 и 3 кубни метри се многу битни особено за стариот дел на градот, бидејќи таму имавме проблем со исцедокот на комуналниот отпад, а сега имаме возила со таканаречен „ када систем“ кој го решава овој проблем.Исцедоци од отпадот нема да има и кај другите возила“. – рече на презентацијата директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

Набавката на нови специјални комунални возила се состои од две возила за собирање на комунален отпад со надградба со капацитет од 3м3 за транспорт на отпад од пластични садови со зафатнина од 120, 240 и 360 литри, две возила за собирање на комунален отпад со надградба со капацитет од 8м3 за собирање и транспорт на отпад од контејнери за отпад со зафатнина од 1.1 м3 и 120 и 240 литри, едно возило за собирање комунален отпад со надградба со капацитет од 20 м3 за собирање и транспорт од контејнери за отпад со зафатнина од 1.1 м3 и 120 и 240 литри, едно возило за миење улици-цистерна со капацитет од 8.000 литри и едно специјално возило-трактор.