20/04/2024
Македонија

Прием на претседателот Иванов по повод 21 Декември – Ден на настава на турски јазик

Во пресрет на одбележувањето на Денот на настава на турски јазик – 21 Декември, претседателот Ѓорге Иванов денеска прими ученици и наставници од основни училишта во кои се одржува настава на турски јазик во земјава, како и претставници од Сојузот на турски невладини организации – МАТУСИТЕБ.

Претседателот Иванов, честитајќи го празникот на припадниците на турската етничка заедница во Република Македонија, подвлече дека во 1944 година кога ги удривме темелите на АСНОМ-ска Македонија, наместо интеграција со асимилација, ние го избравме патот на интеграција без асимилација. На 21 декември 1944 година за прв пат во младата македонска држава започна наставата на турски јазик. Со тоа, изјави претседателот Иванов, се исполни заветот за еднаквост и рамноправност на сите граѓани, независно од етничкиот, верскиот и јазичниот идентитет.

Македонскиот претседател истакна дека заедно, турската заедница во Македонија и македонската заедница во Турција, имаат многу важна улога, во развојот и унапредувањето на односите меѓу двете пријателски земји. Посочи дека Турција беше една од првите држави што ја призна нашата независност и ни помогна во мугрите на нашата сувереност. „Република Турција се покажа како стабилен поддржувач и пријател на Република Македонија. Најнапред со признавањето на независноста, а подоцна и со активната поддршка на нашиот евроатлантски пат” рече претседателот Иванов.

Присутните ученици и наставници од основните училишта во кои се одржува настава на турски јазик, како и претставниците од Сојузот на турски невладини организации – МАТУСИТЕБ се заблагодарија за поддршката од претседателот Иванов и за неговиот личен придонес за унапредување на турската култура и пријателските односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на присутните им порача да продолжат со нивната образовна мисија, не губејќи предвид дека врвна обврска на секој граѓанин е да придонесува кон добробитта на сопствената држава.