28/03/2024
Македонија

Прием на учесниците во проектот „Ден со македонските водечки извршни директори”

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди прием за студентите од додипломски, постдипломски и докторски студии, коишто во рамки на проектот „Ден со македонските водечки извршни директори”, беа избрани да поминат еден работен ден со менаџери на успешни компании во Република Македонија. Проектот се реализира под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,  во организација на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Програмата ќе се реализира во периодот од мај до август 2018 година, а меѓу успешните менаџери кои ќе ја спроведуваат обуката се Штефан Петер од ЕВН Македонија, Илина Јакимовска од „Комфи ангел”, Волфганг Марингер од „Арчелор митал”, Владимир Косијерод од „Пивара Скопје” и Аврам Стојчевски од „Ван Хул”.

Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г. Штефан Петер, изрази очекување за целосна мотивираност и вклученост од страна на студентите, да ги поставуваат сите можни прашања, коишто пак, би биле предизвик и за менаџерите.

„Ова е неверојатна програма којашто се реализира за прв пат во Македонија. Целта е нашите домашни студенти да не мораат да одат надвор од државата за да ги учат различните менаџерски вештини и да стекнуваат искуства, туку можат да останат дома, во Македонија, и да учат од директорите коишто доаѓаат од странство”, рече г. Петер.

Дел од избраните учесници изразија задоволство што ќе бидат дел од проектот, на којшто ќе имаат непосредна можност да стекнат нови искуства, односно да добијат одговори на некои прашања во областите што се од нивен интерес.

Ова е голема придобивка, пред се се гледам овде, во Македонија, делува мотивирачки кога непосредно ќе се запознаеме со работата на луѓе коишто имаат голем придонес овде, рече Марија Андонова.

Можам да кажам дека Школата за млади лидери на којашто учествував во 2015 година, беше причина и мотив да стигнам до позицијата на која што сум сега. Овој проект мене би ми бил од големо значење, бидејќи би можела да ги усовршам своите вештини, да бидам подобра во мојата професија и на позицијата на којашто сум сега, рече Ванеса Василевска.

Главна цел на проектот е избраните студенти непосредно да се запознаат со работниот ден на еден врвен менаџер, да навлезат во процесите на водењето на компанија, да стекнат нови знаења, практични искуства и вештини кои ќе придонесат за развој на нивниот претприемачки дух.
Priem_Studenti__i_Menadjeri_02