28/03/2024
Македонија

Прифатен предлогот на Макрадули за продлабочување на регионалната соработка за идентификација на загадувачки материи на воздухот

Имајќи ја предвид состојбата со квалитетот на воздухот во регионот и недостигот на податоци и информации за потенцијално прекугранично загадување на воздухот, препорачуваме да се продлабочи понатамошната соработка за идентификација на загадувачки материи на прекугранични зафати во регионот.Би сакале да истакнеме дека наскоро започнуваме со реализација на проектот INTERREG со Грција, финансиран со инструментот IPA CBC, со цел да се анализира потенцијалното прекугранично загадување на воздухот меѓу Република Македонија и Грција. Мониторинг станиците кои ќе бидат позиционирани во Гевгелија и Битола ќе го измерат квалитетот на воздухот и дополнително ќе се направат анализи за да се утврди хемискиот состав на ПМ честичките, со цел да се идентификуваат главните извори на загадување.

Ова го истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на Состанокот на високо ниво на претставници од државите од Западен Балкан што се одржа за време на COP23 во Бон, Германија.

Состанокот го организираше Регионалниот совет за соработка и Министерството за заштита на животната средина на Република Србија.

Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија ќе го преземе копретседавањето заедно со Регионалниот Совет за соработка на работната група за животна средина.