19/04/2024
Македонија

Прифатилиштата најсоодветен систем за контрола на популацијата кучиња

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, денес, на иницијатива на Агенцијата, во соработка со г-дин Брајан Фаулкнер, претставник на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (RSPCA), одржа состанок со претставници од Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС на кој се дискутираше за воспоставување на соодветен систем за контрола на бездомните кучиња од страна на општините.

Од состанокот произлезе заклучокот дека системот на прифатилиште е најсоодветен систем за контрола на популација на кучиња кој треба да го воспостават општините. Неопходно е, беше речено, локалните самоуправи да имаат донесено и соодветната програма според која ќе се врши контролата на популација на кучињата.

Програмата и планот за контрола општините треба да ги направат врз основа на претходни истражувања кои треба да ги спроведат, како што е спроведувањето на проценката на популацијата на бездомни кучињата и истражување на јавното мислење. Најдобрата метода, според експертот од Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија е спроведување на истражување согласно методологијата на Меѓународната коалиција за менаџмент на домашните миленици.

Директорот Атанасов препорача од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија, да се обучат три тимови кои ќе можат да вршат такво истражување за потребите на ЗЕЛС, односно кои ваквите истражувања ќе ги спроведат во општините во Република Македонија. Врз основа на нив, додаде тој, потоа локалните самоуправи ќе може да донесат соодветни програми и планови за контрола на популацијата на кучиња.

Експертот Фаулкнер рече дека напролет може да спроведе специјализирана обука за одговорните лица и раководители во прифатилиштата, за постапките и рутините во прифатилишта, што беше прифатено од претставникот од ЗЕЛС. На состанокот се разгледа и можноста за обезбедување на донација на опрема за заловување на кучиња, за оние општини кои вршат контрола на популацијата на бездомни кучиња на својата територија.

Обврска на општините е да имаат воспоставено соодветен систем за контрола на популацијата на кучиња, да работат плански врз основа на претходно подготвени програми. Контролата на популацијата на кучиња треба да се спроведува од страна на прифатилишта кои се одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Не е задолжително, беше истакнато на состанокот, секоја општина да има свое прифатилиште, туку повеќе општини заедно можат да воспостават регионални прифатилишта. Со прифатилиштата треба да раководи и работи стручен и обучен персонал.