20/04/2024
Македонија

Присуство на Комеморативна седница, посета на семејства на загинатите, посета на повредените во болницата 8-ми Септември

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во општина Гостивар, се обрати на Комеморативната седница во чест на загинатите граѓани во вчерашната тешка сообраќајна несреќа, што се случи на патот Скопје – Тетово, во близина на селото Ласкарци.

„Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава”, рече претседателотИванов, во своето обраќање на Комеморативната седница.

Претседателот Иванов, во својот говор рече дека во моментите на тага, треба тагата да ја споделуваме и да помислуваме на живите, како на најблиските да им помогнеме да ги пребродат овие најтешки моменти во нивниот живот.

„Овие се моменти на тага и на жал за загубените животи. Тешки се деновите кога искажуваме сочувство на роднините, пријателите, бидејќи сообраќајките се настани кога некој ни ги краде тие што ни се најмили. Кога некој умира, знаеме дека тоа е неминовно во животот, доаѓа смртта. Но, кога се случуваат вакви настани, тие се уште потешки и поболни, затоа што тие што сме ги очекувале да дојдат дома, никојпат не пристигнале”, рече претседателот Иванов, додавајќи дека споменот за овие луѓе треба да остане вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме, овие тешки моменти да ги пребродат. „Тешка е загубата, но, уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука да бидеме секој пат внимателни”, рече македонскиот претседател.

„Овие луѓе кои ги изгубиле своите животи ги изгубиле своите соништа, ги изгубиле своите планови, ги изгубиле сите свои мечти, кои се стремеле да имаат добар и среќен живот. Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секојпат да си укажуваме на вакви моменти поддршка, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа. Нека биде животот исполнет со моменти на среќа и на радост, а не со тага, рече претседателот Иванов, изразувајќи најдлабоки сочуства до семејствата, до пријателите, до блиските, до општината и до државата.

Poseta_na_semejstva_na_zaginati_02Македонскиот претседател, во Гостивар ги посети и семејствата Узеири, Трпевски и Исмаили, чиишто членови се меѓу загинатите патници во вчерашната автобуска несреќа, што се случи на патот Скопје – Тетово, во близина на селото Ласкарци. Македонскиот претседател на семејствата и на блиските на загинатите им изрази најдлабоко сочувство за претрпената загуба.

Претседателот Иванов, во Градската општа болница 8-ми Септември во Скопје, посети дел од хоспитализираните патници кои беа повредени во вчерашната автобуска несреќа. Македонскиот претседател на повредените им посака побрзо закрепнување и што поскоро враќање во своите домови и кај своите семејства.

bolnica_2