Приведени четири лица поради нарушување на јавниот ред и мир во дискотека во Охрид

СВР Охрид приведе и од слобода лиши 4 лица (две машки и две женски) од Куманово поради нарушување на јавниот ред и мир со елементи на насилство извршено утрово околу 03 часот и 30 минути во дискотеката „Парк“ во Охрид.

Приведени се Б.С.(21), С.С.(19), М.К. (20) и Б.С.(27) кои од ВИП ложата во дискотеката ги прскале со алкохол гостите што биле на подиумот, а по кратко време еден од нив почнал да фрла со шишиња према присутните. И покрај реакциите од гостите и од обезбедувањето на дискотеката, приведените продолжиле да фрлаат шишиња, а во еден момент се обиделе и физички да го нападнат работникот на обезбедување.

Со интервенција на полициските службеници, спречено е нарушувањето на јавниот ред и мир и против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.