19/04/2024
Македонија

Приведени напаѓачите што нападнаа двајца јапонски државјани кај Катланово

По завчерашниот (01.05.) случај на разбојништво врз двајца јапонски државјани, што се случи околу 15,00 на локалниот пат од с.Катланово кон село Брезница, СВР Скопје по превземените интензивни оперативни активности ги идентификуваше тројцата напаѓачи, од кои што двајца се веќе приведени.

Се работи за тројца малолетници од Велес на возраст од 15 до 17 години, кои што истиот ден во Гостивар одзеле патничко возило “Форд мондео“ со гостиварски регистарски таблички, кое што го употребиле неколку часови подоцна во извршувањето на разбојништвото. СВР Скопје, по целосно документирање на случајот против лицата ќе поднесе соодветни кривични пријави.

Како што МВР претходно ја информираше јавноста, напаѓачите откако ги пресретнале јапонските државјани кои со велосипеди се движеле на локалниот пат од с.Катланово кон с.Брезница, физички ги нападнале, и им одзеле 3000 евра, патни исправи, кредитни картички и еден мобилен телефон „Ајфон“, притоа нанесувајќи им на оштетените тешки телесни повреди.